Ветуваа изградба на вториот дел од жичарата на Водно, но проектот чмае во фиоки

Жичарата од Средно Водно до врвот е полн погодок. Но, зошто не започнува градбата на делот од подножјето до веќе постојната жичара? Тоа и беше ветено на скопјани. Сепак, на просторот околу Институтот за белодробни заболувања во Козле сликата со години е веќе иста – нема ни трага од некакви градежни активности кои би асоцирале дека тука се спроведуваат подготвителни работи за изградба на вториот дел од Жичарата на Водно. Всушност, нема ниту јасна одлука дали таа ќе се гради за да се комплетира овој проект кој привлече голем број на граѓани. Она што постои се само најразлични и контрадикторни најави дека вториот дел од жичницата на делот од Институтот во Козле па до Средно Водно ќе се гради, за да потоа се каже дека одлуката допрва треба да се донесен.
– И вториот дел од Жичницата треба да се заврши. Се сомневам дека новата власт не брза, бидејќи ако таа ја заврши изградбата нема да можат да се фалат оти проектот е на претходната власт, ни вели граѓанинот Гоце Стоилков.
Дали е ова причината останува енигма бидејќи по промената на власта во земјава кон крајот на 2017 година новите функционери даваа изјави дека овој проект ќе биде завршен. Така, на пример, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во декември 2017 година најави дека во текот на минатата година ќе биде распишан тендер за втората фаза од жичницата. Таа требаше да биде долга 1.600 метри, со 27 кабини и со цена на градбата од околу седум милиони евра. Инаку, првиот дел од Средно Водно до Милениумскиот крст, беше пуштен во употреба во 2011 година и е со должина од 1.560 метри.
Меѓутоа, и покрај ваквата најава распишувањето на тенедерот за проект кој имаше за цел и да ја збогати туристичката понуда на градот не се случи. Наместо тоа, во февруари лани беше објавено дека градските власти на Скопје, заедно со Министерствата за транспорт и врски и за животна средина ќе треба да одлучат дали има потреба да се гради вториот дел од жичарницата на Водно.
-Тука не треба да се имаат дилеми. Жичарницата треба да се заокружи. На тој начин значително ќе се намалат гужвите на Средно Водно кога има премногу автомобили и парализа во сообраќајот. На овој начин и оние луѓе кои не можат пеш да се искачат до Средно Водно ќе можат да стасаат за да прошетаат по овој простор. Се потрди и тоа дека Жичарницата не загадува природата, ни рече скопјанката Мира Поповска.
Но, досега иако поминаа повеќе од година дена скопските власти и двете министерства не донесоа одлука што да се прави со овој проект. Со тоа тој и натаму стои во фиоките. Со тоа голем дел од граѓаните и натаму ќе одат со свои автомобили до Средно Водно кое што, очигледно, не може да прифати толкав број на возила.

Во игра за почетна постојка беа три локации
Инаку, првичниот проект предвидува почената постојка на жичарницата да биде над црквата „Свети Јован“ во населбата Капиштец, додека кај Институтот била предвидена попатна постојка. Неа би ја користеле првенствено децата кои се лекуваат во оваа здравствена институција. Една од маните на локацијата над црквата била во тоа што има недоволен паркинг простор. Освен неа во игра биле и опциите стартната локација да биде кај хотелот „Александар палас“ или зад трговскиот центар „Рамстор“. Но, првата опција отпадна оти била премногу оддалечена од Водно а втората заради тоа што требаше да минува преку подрачје со голем број на станбени згради и резиденцијални објекти.