Ветуваа правење брзи пруги, а всушност сега Македонија скоро и да нема железница

Една од главните одлики на 21 век ќе бидат и брзите возови. Македонија како што сега стојат работите е во почетокот на 20 век – скоро и да нема железница. А сосема друго ветуваа властите целиов мандат.

Граѓаните последниве месеци можеа да видат на кое ниво падна железницата во Македонија. Кон Битола одеше само еден воз, па и тој беше принуден до Велес да вози со брзина од дваесетина километри на час оти пругата е несигирна. Се расипуваа локомотиви, застануваа среде тунели по неколку часа, гореа дрвени прагови од пожарите, паѓаа столбови на железнички мостови кон Гевгелија, драстично се намали бројот на возовите, а се преполови и бројот на патниците.  

-Состојбата во железничкиот сообраќај во Македонија не враќа во 19 век кога сообраќајот се одвивал со кочии. Се што постоеше од поранешна Југославија со текот на времето пропадна, а за тоа време ништо не се обновуваше. Ниту пруги, ниту локомотиви, ни вели Зора Живаљевиќ.

И во самото претпријатите „Македонски железници“ е хаос. Вработени се закануваат со штрајк, државно претпријатие кое кубури со загуби, неисплатени плати, со лоши услови за работа… Милионските загуби само се трупаат, Владата префрла пари од буџетот како во бунар без дното, а состојбите не се подобруваат.

-Без добра железница нема сериозен транспорт во една држава. Тоа го разбраа сите земји, ама не го разбраа нашите од власта и не направија железница каква мора да има секоја држава што се стреми да се развива, ни вели скопјанката Радмила З.

-Железничкиот сообраќај е на катастрофално ниво. Имам впечаток дека и возовите се оставени на милост и немилост на секој надворешен фактор, ни вели Сашо Георгиевски.

На сето ова доскорешната Влада се занимаше со железницата по принцип: дај пари од буџетот за загуби за да вработените земат некоја плата, а зборувај за проекти со брзи пруги и за градба на нови правци. Во ноември минатата година со Србија е потпишан Меморандум за изградба на железничка мрежа со високи перформанси на Коридорот 10. Станува збор за железничка мрежа која би ги поврзала Скопје и Ниш и би поддржала пат со брзи возови, кои би се движеле со брзина од најмалку 160 километри на час. За Македонија ова ќе значи изградба на околу 50 километри пруги – од Скопје до граничниот премин Табановце, како и нова железничка линија до Меѓународниот аеродром Скопје. Тука е и градбата на пругата кон Бугарија која се прави по принципот „тргни –застани“ веќе неколку децении…

 Состојбата во железничкиот сообраќај е очајна и катастрофална. Владата треба прво да ја среди состојбата во постоечката железничка инфраструктура, а дури потоа да гради брза пруга кон Србија и Грција, дури на крајот да се испита економската исплатливост за железничко поврзување со Бугарија . Инаку, тоа претпријатие не работи добро заради партиските кадри и нестручно  раководење кое е присутно од 2.000 година па до ден денес, смета Звонко Гаќеша.

Сепак, сега останува да се чека некоја нова влада по изборите да не ги повторува старите грешки на претходниците.

Трагедија е кога воз од Скопје до Битола вози и по 10 часа

-Владата би требала целосно да се насочи кон решавање на внатрешни проблеми на железницата. Со години се акумулирани проблеми, тие не се решавани туку ставани под тепих. Лоши ни се пругите, се вози по 60 километри на час, мостовите се ризични за поминување, посебна трагедија е кога воз од Скопје до Битола вози и по 10 часа, смета Сашо Георгиевски.

Претходна вестМицкоски: Ќе направиме нешто што ќе биде историски значајно
Следна вестШвајцарска компанија хакирана со помош на 3 милиони четки за заби?