Заврна низ Македонија. Се чини како никогаш до сега дождот да не бил добредојден. Десетици литри по квадратен метар – Гевгелија 19, Претор 13.. – кои од синоќа се истурија од облаците посебно во јужните краишта од земјава сигурно дека, колку-толку, ќе ја ублажат критичната состојба во македонските езера.
Преспанското езеро деновове дојде на 49 сантиметри под апсолутниот минимум, Охридското е три сантиметри под него, речиси празни се другите вештачки акумулации. Многу тажна и опасна слика која изгледа дури и дождот го подзамисли. Тој почека да види ќе реагирааат ли институциите и кога виде дека нема ништо од тоа самиот тргна во спас на езерата.
Но, јасно е дека денешниот дожд може само да ја ублажи критичната состојба. Ако пак настапи сушен период пак ќе се повторат загрижувачки слики и опасноста од губењето на езерата. Очигледно, потребна е посериозна грижа. Кон крајот на минатиот месец Министерството за животна средина организира средба во Ресен околу алармантната состојба со Преспанското езеро. Клучно било да се заврши процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа Паркот, со претставници од Македонија, Грција и Албанија заради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа. Но, и тоа не оди така брзо. Од еколошката организација Охрид СОС, која собра 5.533 потписи за петиција за спас на Преспанско езеро, деновиве предупредија дека нема инфорамции што стана со формирањето на тоа трилатерарно тело?
Значи, се уште се чека на институциите, се чека на договор за мерки кои ќе се преземат за да се спаси ова и други езера. Тоа тело треба што побрзо да почне со работа бидјеќи е во интереси на сите земји – да најде начини како ќе се осигура доволно вода во езерото.
Зарем ќе се остави вака, да се чека дождот да има совест и да помогне? Каде е совеста на институциите и луѓето во нив кои се платени од народни пари?