Виктор Димовски: За случајот Онишченко лоцирана е одговорност кај поединец припадник на АНБ

Лоцирана е одговорност кај поединец вработен во Агенцијата за национална безбедност кој не ја испочитувал процедурата во случајот со Украинецот Олександр Онишченко, изјави денеска директорот на АНБ Виктор Димовски. Тој додаде дека интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“  констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење.

Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност.

– Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, изјави Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР).

Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не.

–  Испитуваме дали станува збор за изолиран случај или не. Дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. Не сакаме заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност, изјави Димовски.

Димовски не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати.

Прашан дали чувствува лична одговорност како директор на АНБ, Димовски рече тој не оди никаде и останува тука.

– Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас кажав нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука, изјави Димовски.

Претходна вестЗатворената седница на која директорот на АНБ Димовски реферирал за случајот Онишченко се емитувала во живо на Јутјуб!?
Следна вестДетска клиника: Доброволното враќање од страна на ексдиректорката Софијанова не ја ослободува од одговорноста пред законот