„Виновен сум“, призна возачот кој прегази 11-годишно девојче во Велес

Признавам вина и му се извинувам и на семејството и на јавноста. Со овие зборови пред велешкиот суд 30- годишниот Ангелче Николов, кој на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка, призна вина на денешното судско рочиште.

На денешното прво рочиште, тој кажа дека е свесен за последиците од признанието, дека ќе добие затворска казна и дека ќе треба да плати отштета и трошоци.

Николов на 17 декември, со уште неколку другари во неговото возило „мерцедес“, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на велешкото училиште „Васил Главинов“, на која е ограничено движењето на 30 километри на час, на пешачки премин удри во мајката и ќерката. Малата Магдалена од местото на ударот била отфрлена дваесеттина метри и веднаш починала. Нејзината мајка, која на пешачкиот премин била еден чекор понапред, тешко беше повредена.

Обвинетиот избега и два дена се криеше, по што сам се предаде во полиција. Истражните органи го идентификуваа уште вечерта.

Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба.

Претходна вестЗаеднички поморски вежби на Русија, Кина и Иран
Следна вестБугарско МФ: На државата и се заканува банкрот