Вирусот ги разболe свадбите: Угостителите бараат да нема ора, ама музичарите бараат да свират

Без играње на ора, само со танц на младоженците, ограничен број на гости, персонал според протокол и работно време до 21 час… се предлозите на угостителите за заштитни протоколи со кои би можеле да работат рестораните за свадби. Тие бараат да бидат прифатени од страна на Комисијата за заштитни болести и да дозволи организирање на семејни свечености.

Доколку надлежните ги одбијат овие барања протестите на угостителите, ќе продолжат од наредната недела, изјавија денеска од Независната угостителска комора.

Според податоците на Независната угостителска комора, во земјава се регистрирани безмалку 6.500 угостителски објекти, од кои речиси 100 работат како ноќни клубови, кабареа и дискотеки, а повеќе од 200 се специјализирани за прослави и веселби.

Но, од ваквиот предлог не се задоволни музичарите кои често настапуваат на свадбени и други веселби.

-Бараме и средба за да се најде решение и за нашиот проблем. Во ред е да не се игра оро и да нема фолк музика за време на настаните. Но, свадбите можат да се одвиваат со изведба на класична и евергрин музика, како што е случај во повеќето развиени европски земји. Ако не може да се играат ора и чочеци, тоа не значи дека не треба воопшто да нема никаква музика. Има различни типови на музика, амбиентална, акустична музика за време на ручек или вечера, изјавуваат во Здружението на естрадни уметници.