Вирусот не дрма, бројот на починати надмина 320, како ќе одговориме на тоа, ќе се бара ли помош?

Вчера бројот на починатите од корона вирусот во Македонија ја мина бројката од 320, меѓу 6.625 заболени до сега. Посебен шок беше вчера оти во еден ден починаа дури 15 пациенти од вирусот, а само неколку дена пред тоа починаа 12 лица што до тогаш беше рекордот, односно најмногу откако на 22 март беше забележан прв смртен случај од опасниот вирус во Македонија.

Само за последните 15 дена починале речиси една четвртина од сите кои ја изгубија битката со вирусот од почетокот на пандемијата. Се отвора прашањето зошто има толку многу починати во овој период. Вирусот беше опасен и во почетниот период, заболените добиваа исти симптоми, се јавуваа на лекари, се лекуваа… па бројот на починатите беше помал.

Здравствените власти до сега даваа објаснувања за причината на голем број на смртни случаи.

-Над 30 проценти од смртните случаи се од првиот до петтиот ден од хоспитализацијата, што е доказ дека пациентите, за жал многу доцна доаѓаат во болница. Најголем дел од починатите имале и претходни заболувања, изјави неодамна министерот за здравство Филипче.

Вакво објаснување повлекува дилеми. Прво, зошто пациентите доцна доаѓаат во болниците? Односно, дали тие се обраќале на време за лекарска помош или не? Дали нешто чкрипи на релација меѓу матичните лекари и инфектолозите? Ако пациентите се обраќале дали се функционирало како што треба во однос на нивното лекување? Зошто починуваат и оние кои немале претходни заболувања… Се се ова прашања кои ги преокупираат и се повеќе ги загрижуваат граѓаните.

-Јас мислам дека најголемата грешка е токму во врската меѓу пациентите и матичните лекари. Матичните лекари имаат таков прашалник што никако нема да ти даде термин за тестирање. Пациентите се приморани да се снаоѓаат, и веќе во задоцнета фаза на болеста да бараат лекарска помош директно на Инфективна. За сето ова придонес има и олабавување на мерките заради изборите. Мислам дека треба да се побара и помош од надвор, смета граѓанската Гордана Кимовска.

И другите граѓани сметаат дека во ваква ситуација би требало да се побара и помош од други земји кои имаат добри резултати во лекувањето на Ковид-19.

– Би било пожелно да се прифати помош или искуство од земји каде подобро се справуваат, но, за жал, сега само на избори мислат. Се згреши во почетокот кога не ги изолираа општините каде имаше поголем број на заразени. Ги олабавија мерките наеднаш кога имавме голем број на заразени и нешто тука не штима. Од тие што беа ризични никој не се извлече. Се сомневам дека не знаат како да ги лечат. Државата мора да се погрижи за почитувањето на превентивните мерки. Ако остави сами да се справуваме ќе биде се потешко, смета скопјанката Марија Јурукоска.

Граѓаните, очигледно, се загрижени за она што се случува и бараат нешто да се преземе. Во спротивно, се ќе се сведува на постојаното олабавување на мерките, но и се чини постојано зголемување на бројот на новозаразените.

Секако, и самите граѓани мора да се поодговорни и да се придржуваат до мерките за заштита.

 

Се мисли на избори, а не на исцрпениот медицински персонал

-Повеќе мислат на изборите отколку на корона кризата. Па видете го министерот, кампањи тера, снима спотови за СДСМ, а ваму умираат пациенти. Многу доктори и медицински сестри во инфективните оделенија се исцрпени и тоа треба да се менаџира, а не да се тера политика и изборна кампања, вели аеродромецот Владо.

Претходна вестВозач на камион-кипер загинал по пад во ископ
Следна вестДиректорката на кумановската болница позитивна на вирусот: „По пет месеци имунитетот ми попушти“