Висината на градбите во Аеродром ќе ја ограничам на пет ката

Елена Гижаровска, дипломиран комуниколог, одговара на прашањето – кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на општина Аеродром…

1.Стоп на урбанистичко дивеење

До пред повеќе од пет години населбата Аеродром важеше за една од најубавите и зелени населби. За жал, поради непланското и збиено градење на десетокатници, Аеродром стана непрепознатлив. Поради тоа би ставила крај на сите нови и неотпочнати проекти и би ја сменила дозволата за градба од 10 спрата на максимум пет спрата, Еден од условите за давање дозвола да биде – инвеститорот задолжително да обезбеди бесплатни паркинг места за секој продаден стан.

2.Изградба на нови градинки и детски игралишта

Поради пренаселеност, веќе постоечките градинки намаат капацитет да ги примат сите дечиња и листите на чекање се големи, па поради тоа честопати родителите се спречени да бидат во работен однос, а тоа секако се одразува и на домашниот буџет. Би изградила повеќе градинки, но со помал капацитет бидејќи сметам дека децата можат повеќе да учат и напредуваат кога се во помали групи. Исто така, би вовела програм за задолжителни секојдневни активности на отворен простор, без разлика на временските услови и на тој начин децата би имале поголема шанса за развивање на свеста и зближување со природата од најрана возраст.

3.Зачувување на постоечките и планирање на нови зелени површини

Единствен начин на кој би можела да го сменам тонот на „сивилото“ кое владее помеѓу збиените згради е да го искористам секој ќош и слободен простор од населбата со зелени површини и клупи за одмор и релаксација. Би направила повеќе детски игралишта, љуљашки, разни направи за развивање на моториката и сето тоа да биде од отворен карактер, достапно за сите. Воедно, со овие проекти, би поставила и автомати за рециклирање на пластика, односно, апарати кои ќе бидат на лесно достапни места и ќе даваат одреден паричен надомест за секое внесено пластично шише.