Вицепремиери преку Фејсбук цврсто бараат одговорност за смртта на овчарот од кратовско

Веста за починатиот премрзнат овчар од кратовските планини уште еднаш ја покажа институционалната млакост кога е во прашање потреба на обичен македонски граѓанин. За ова мора да има одговорност. Ќе ја има ли или како и до сега властите ќе го развлечат случајот и полека се ќе се заборави?

Вчера и двајца вицепремиери Љупчо Николовски и Никола Димитров побараа да се утврди конкретна одговорност за случајот со починатиот овчар кој на носила мораше да биде префрлен до болница бидејќи не се организирал превозот. Во својата објава на Фејсбук вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, наведе дека побарал детални извештаи за случајот од градоначалникот на општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР.

– Човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување на човечки живот, секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност. Во вакви случаи не постои фразата „не сме надлежни“, сите сме надлежни кога е во прашање човечки живот. Итно лоцирање на одговорност, соодветни мерки, санкции и  расчистување на случајот, побара Николовски.

И вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, исто така, во објава на Фејсбук побара да се утврди одговорност.

-Смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија, пишува на социјалните мрежи вицепремиерот за европски прашања. Тука се потребни итни чекори – да се создаде еден центар што ќе раководи со делегирање на надлежност при вакви ситуации. Наместо пет различни броеви граѓаните во мака ќе вртат еден, па таму ќе се одговорни да најдат кој е одговорен. А повиците да се снимаат. Оваа работа мора да се истурка до крај и јас лично ќе вршам притисок се’ додека не се заврши работата, напиша Димитров.

Дали притисокот ќе биде само преку Фејсбук или двајцата функционери ќе реагираат директно во Владата чии членови се – останува да се види. Засега, од претходни искуства, се гледа дека реакции на Фејсбук има многу, ама на терен работава е послаба, спора…

Претходна вестСе уште нема разврска со случајот на Барди со „спорната“ возачка дозвола
Следна вестСобранието треба да одржи две седници, ќе има ли кворум по договорот Заев – Мицкоски?