Влада: Не е именуван в.д. заменик на директор на КПД Идризово, СДСМ да не шири дезинформации

Во однос на прес-конференцијата на политичката партија СДСМ го истакнуваме следново: Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен, соопшти денеска македонската Влада.

Таа реагира на прес-конференцијата на опозициската СДСМ која денеска обвини дека лицето Ибрахим Ељези е предложено за заменик-директор иако е осуден и лежел 4 години затвор, од 2013 година до 2017 година во Идризово.

Владата потенцира дека ќе има ново именување.

-Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада. Во однос на директорот на затворот во Прилеп за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело. Апелираме СДСМ да не шпекулира и да ја дезинформира јавноста, стои во соопштението на Владата.

Од СДСМ соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски не знаат каде тераат.

-До толку немаат кадри за да ги постават по институциите што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави ги става за в.д. директори на затвори. Со одлука на Мицкоски осуден криминалец кој лежел 4 години затвор е именуван за в.д. директор на затворот Идризово, одделение Велес! Ибрахим Ељези е осуден и лежел 4 години затвор, од 2013 година до 2017 година во Идризово. Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД Идризово, одделение Велес? Ова не е нормално. Па како може осуден криминалец да биде одговорен за затвор?, соопшти на прес-конференцијата Методија Илиевски, советник на СДСМ во Советот на општина Битола

-Емил Јанески, со кривична пријава за „несовесно работење„ со одлука на Мицкоски е именуван за в.д. директор на затворот во Прилеп. Јанески во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и канализација” – Прилеп и против него МВР има поднесено кривична пријава за „несовесно работење во службата” и штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари. Дури и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција бараше Јавното обвинителство да реагира и да ги расчисти сомнежите за наводната милионската проневера од Јанески. И сега истиот тој ВМРО-ДПМНЕ го назнаува за в.д. директор на затвор. Надвор од паметот и секоја логика!, соопшти Илиевски.

Претходна вестЗаканувачките пораки биле испратени до пратениците на ДУИ, Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде казнет
Следна вестКина го тестира најголемиот амфибиски авион во светот