Владата е загрижена што опаѓа наталитетот во Македонија?

Македонија има се помалку население. Државниот завод за статистика деновиве одново соопшти поразителен податок: лани во земјава биле родени вкупно 18.073 живородени деца. Тоа е најмалку споредено со изминативе години. Само на пример, во 2000-та година наталитетот беше цели 26.168 деца. Оттогаш па до лани го има постојан тренд на опаѓање. Овој факт, но и постојаното иселување од земјава, се главни причини зошто бројот на жителите во Македонија сега изнесува само 1,8 милиони, а што е за околу 200.000 помалку отколку пред две децении.

Статистиката покажа причина за длабока загриженост. Загрижена ли е Владата?

Немаше изјави од надлежните чијашто грижа треба да биде демографија, наталитетот, преземање мерки… Дигнаа ли тие раце од тоа, од овој проблем кој, нема дилеми, е најопасен и најсериозен за македонската држава. Оти нема држава којашто опстанала, а која немала луѓе.

Воведувањето на платено породилно отсуство за жени-земјоделки, можноста и таткото да користи четири месеци породилно отсуство, а што се промени коишто се направија во последниот период, не се доволни за да се запре постојаното намалување на наталитетот. Во изминативе години, од страна на поранешната владина коалиција се преземаа и други мерки –  се даваа 8.000 денари за трето роденто дете, 11.000 денари за четврто, олеснета пензија за мајка со 4 деца, стимули за живеење во селски средини, помош за купување на станови… Но, сега веќе најголем дел од ваквите мерки згаснаа со образложение дека не вродиле со плод и не донеле зголемување на наталитетот.

Но, прашањето сега е ако ваквите досегашни мерки не биле добри, зошто нема други – подобри? Не се знае ни колку е остварена Стратегија за демографски политики од 2015 до 2024 година. Во ноември минатата година министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави изработка и на новата Стратегија за демографски политики во која ќе бидат вклучени реални демографски податоци. Пописот заврши, покажа колку се зголемил бројот на празни населби во земјава, Заводот за статистика уредно ги објавува процентуалните опаѓања на наталитетот и на зголемениот морталитет… Тогаш, што уште треба да се чека?

Актуелните владини функционери, пак, постојано инсистираат и најавуваат заложби за запирањето на иселувањето, а што би довело и до подобри состојби во демографијата. Но, иселувањето не запира и натаму. Проблемот, значи, секојдневно станува се посериозен и нешто мора да се преземе, а некој тоа треба да им каже на надлежните од владините редови. Секако, за сето ова треба да се подразмисли и населението во Македонија.

Претходна вестШпански „АС“: Столе Димитриевски е опција за Реал Мадрид
Следна вестКазнети 172 возачи во Скопје, 28 за брзо возење