Владата ги прифаќа барањата на „Зелениот фронт“, но не прави реални чекори да ги исполни

Со Јана Наскова, еколошки активист во „Зелениот фронт“ разговараме за ситуацијата со загадувањето, за новиот протест што ќе се одржи в петок…

По неодамнешниот протест, коалицијата „Зелениот фронт“ реши пак да протестира за чист воздух. Зошто?

-Повторно ќе протестираме бидејќи сметаме дека владата ги прифаќа нашите барања само паушално, но не презема реални чекори за нивно исполнување. Ситуацијата со аерозагадувањето и загадувањето на животната средина во Скопје и Македонија е алармантна, и треба да се третира како криза. Грета Тунберг вели, во однос на животната средина: „Треба да се однесуваме како куќата да ни гори“. Од претходниот протест до сега, не гледаме реални промени кои можат да се почуствуваат. Владата не се залага доволно за „пожарот“ да биде изгаснат.

Што конкретно не е исполнето? По првиот протест, Владата најави дека ќе реши седум прелиминарни барања. Дали и што е (не)исполнето?

– Од 7 прелиминарни барања како услов за средба со Владата по повод заедничките над 100 барања на здружените над 30 граѓански организации во Зелен Фронт, едно е исполнето, стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, на животна средина според кој казните треба да се намалат до 75 проценти. Владата извести дека ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште ќе се донесе до крајот на годинава, но она што ќе се донесе е само блок 1 од овој ДУП, другите два блока не се ни започнати. Пет години чекавме еден блок од овој ДУП да се изработи, со исклучиво Д1, Д2 и Д3 намена, парковско, заштитно зеленило и спорт и рекреација. Она што баравме е да се наложи итно носење на овој ДУП за црната точка во Скопје – Вардариште, не само на еден блок. Во однос на ЈО да отвори истрага за ОХИС во стечај, стечајната маса, продавање, склучени договори, испуштањето на токсична хемиска материја и за палењето на кабли во Скопје, кој го откупува бакарот, како се снабдуваат со кабли лицата кои ги горат, Владата која располага со сите доказни материјали или некој друг државен орган, не поднесе до ЈО да се отвори истрага. Предлог измените и дополните на Законот за животна средина за контаминирани подрачја од ноември 2018, требаше да се ставени на разгледување и усвојување на седницата на Влада во вторникот. Тие воопшто не беа ставени на дневен ред Охрид СОС ја има изработено апликацијата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, од Владата се бараше само да се поднесе. Владата одговори дека ќе се поднесе, откако прво ќе се потпише анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко блато, и договорот за Студијата за ревалоризација на Охридското езеро до крајот на 2019 г, иако според законот за заштита на природата не се наведуваат вакви предуслови. Се бараше и одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот „Плавица и Црн врв“, општина Кратово и општина Пробиштип. Причина за поставување на прелиминарни барања како услов за средба беше да ја видиме искрената намера и желба, и сериозна волја за решавање на проблемот со загадувањето, заштитата на животот и здравјето. Владата со неисполнување на најголем број од барањата, само потврди дека решавањето на овие прашања не се нејзин приоритет.

Сметате ли дека кај Владата, Градот Скопје и општините постои искрена желба и подготвеност да се решава овој проблем?

-Нема смисла да се дискутира дали постои желба или не, бидејќи Владата секако не презема скоро никакви мерки за да го реши проблемот со аерозагадувањето и загадувањето на животната средина. А ова се проблеми кои ги засегаат децата на владини функционери исто како што ги засегаат децата на сите останати.

Што доколку и овие седум барања не се исполнат во догледно време? Како ќе реагира на тоа „Зелениот фронт“?

-Не се само 7 барања, тие беа одбрани од претходните 123, заради можноста да се исполнат за неколку дена за владата да покаже вистинска желба за соработка. За останатите барања има рокови до крај на оваа година, додека за некои барања рокот за исполнување или започнување е во март. Сите овие барања, заедно со нивните рокови, се објавени на Фејсбук страницата на Зелен фронт и доставени до Влада. Зелен фронт планира да биде на улица и масовно да протестира сѐ додека нема видливи резултати во борбата против аерозагадувањето и загадувањето на животната средина.