Владата го распушти тетовскиот совет, ќе ја распуштат ли неа малите партии?

Колумна на Никола Тасев:

Владата го распушти општинскиот совет во Тетово. Не бил функционален и не ги завршувал предвидените обврски. Е, добро, ама што да се прави со фактот дека и Владата е нефункционална и не си ги завршува најважните обврски?

Голема криза е, а Владата кризира. Кој неа да ја распушти?

Логичниот одговор би бил: Парламентот – тој е распуштачот на Владата. Има ли сили во мнозинството кои се незадоволни од тоа како се однесуваат СДСМ и ДУИ? Јасно ли им е дури и на останатите пратеници дека и Парламентот е печен за распуштање: подолго време е надвор од функција, владеачкото мнозинство не може да обезбеди кворум, закони клучни за економијата и за стандардот на граѓаните стојат во фиока со месеци (да не кажам години)? 

Најсоодветното решение за ставање крај на оваа несериозност кон државата, газење на националните интереси и негрижата кон сопствените граѓани што ја демонстрира власта се нови избори. Како до нив?

И покрај секојдневните апели, барања и закани на опозицијата и покрај актуелните и најавените протести на политички партии, синдикати и разни општествени и социјални групи, мнозинството не им обрнува внимание и има намера да владее до последен ден од мандатот, иако гледа дека не им оди. Затоа и прашав, има ли незадоволни во владеачкото мнозинство?

Малите партии во власта! Тие покажуваат незадоволство при секој настап на телевизија. Тие го држат мнозинството, кое пак од вчера повторно почна да се тенчи. Еден од пратениците на помалите партии се оддели како независен. Уште два-тројца креваат глас во тв емисии и на социјалните мрежи, ама никако да соберат сила тоа да го ефектуираат при гласањето за владините предлози. Критикуваат, ама седат со тие што ги критикуваат.

Оправдувањето на помалите партии е дека се уште се со власта, затоа што чекаат СДСМ да им го исполни ветувањето: Македонија една изборна единица. Им ветил премиерот Ковачевски на Трајанов, Георгиевски, Милевски и Морачанин дека во првите 100 дена од новата влада ќе го затвори ова прашање. Првата владина стотка пројде, се троши и втората, а Македонија се уште не е една изборна единица. Неракцијата од поголемиот партнер во власта, треба да е доволна причина за акција на помалите партии. Да му кажат чао и да побараат друг партнер за остварување на своите цели. ВМРО-ДПМНЕ јасно им порача дека ќе го поддржи нивното барање.

Затоа помалите партии се на потег. Ќе чекаат и понатаму да им се фрли некоја изглодана коска и да бидат задоволни со едно – две директорски места или ќе го кренат гласот и ќе се подготвуваат за нови избори – самостојно со сопствени идеологија, програма и цели во една изборна единица, во рамноправен натпревар со поголемите.

Ќе имаат ли храброст малите да пораснат или вечно ќе бидат нечиј прврзок – ќе тренираат, ама ќе си бидат резерви кога се игра натпреварот. Тие треба да докажат дека можат да пораснат, а не да останат вечно заспани на резервната клупа. Затоа што оној што самиот не може да порасне, не може да направи и општеството да расте! А тоа народот го гледа. Некогаш Македонија навистина ќе биде една изборна единица, ама дотогаш можеби малите ќе станат толку мали што и тоа нема да им е доволно за самостојно да освојат пратеничко место.

Претходна вестГрадителите пред нашата ера биле побрзи: Виа Игнација наспроти Кичево – Охрид
Следна вестГенчовска го обвинува Петков дека предложил целосна ревизија на Рамковниот став