Владата ќе дели пари, за тоа дебело не задолжува, а штеди ли на непотребни луксузи?

Власта секој ден се расфрла со ветувања за делење парична помош во време на корона кризата. Онде неколку милиони, таму уште толку, на трето место малку повеќе, на… се во името на подобро утре.

Добро. Но од каде ќе се најдат сите тие големи пари?

Најмалку 1,75 милијарди евра ќе тежело задолжувањето кое што сега и наскоро ќе го направи Македонија за ублажување на последиците од кризата заради пандемијата на корона вирусот. Пред десетина дена беше најавено дека најмалку 800 милиони евра ќе тежи евро-обврзницата која ќе се емитува за околу шеесетина дена.

Од ММФ веќе се добиени 176 милиони евра, од Светска банка се одобрени 140 милиони, од ЕУ се чекаат уште 160 милиони евра…

Ако знаеме дека на крајот од минатата година јавниот долг изнесуваше 5,54 милијарди евра тогаш најпроста математика покажува дека на не е така далеку кога тој долг ќе изнесува најмалку 7,3 милијарди евра. Односно, ако во јануари секој граѓанин, во просек, должел по околу 2.660 евра набргу тој долг на секој жител ќе се искачи на цели 3.500 евра.

Сигурно дека тоа е многу иако е јасно дека во ситуацијата кога пандемијата остава тешки последици по економиите на сите зафатени земји задолжувањето не можеше да се одбегне.

Но не слушнавме од Владата каде крати на троѓењето. Само се задолжува или и штеди таму каде може да се штеди?

Сигурно можеше да одбегнат некои трошоци со што товарот на задолжувањето ќе беше помал. Тоа се сите оние непродуктивни и непотребни трошоци за кои и натаму се трошат парите од истенчениот државен буџет.

Навистина ли беше потребно да се распишуваат јавни набавки кои излегоа во јавноста за 2 тони сортно вино, 45 литри бурбон виски, 90 литри шкотско виски, 30 литри шампањ, вотка…? Мораше ли и дали е правно чисто доделувањето на пари од државниот Фонд за иновации на невладина организација на министерка? Се возикаат ли скапите коли и се купуваат нови? 

Нашите деца и внуци ли е бидат товарани со долгови за да некој ем дели пари шаком и капом пред избори, ем на раат на наша сметка си пијат скапи вина?