Владата: Одлуката на Уставен не значи дека автоматски ќе се зголемат платите за 78 проценти

Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани за 78 проценти како што шпекулира дел од јавноста, се наведува во одговорот од владината прес-служба, на прашањето од МИА за оваа одлука.

Од Владата објаснуваат дека се разгледува и можноста за намалување на коефициентите за пресметките на платите на функционерите.

-Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот. Апелираме и до останатите чинители да го направат истото, во рамките на своите законски овластувања, објаснуваат од македонската Влада.

Оттаму додаваат дека досегашното „замрзнување” на основицата беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставен Суд, а која со одлука на Уставен истата практично се укинува.

-Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите овластувања има дадено негативно мислење за иницијативата за промена на членовите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица до Уставниот суд со кое го потврдува ставот на Владата дека законското решение за плати не треба да се менува. Така што, намерата на Владата била и сѐ уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството, наведуваат од Владата.

Дополнително, информираат, во моментов се работи на решение за општ колективен договор и закон за плати со кој ќе се направи системско решение за платите во јавниот сектор и ќе се обезбеди континуиран раст согласно утврдена методологија.

– Воедно, апелираме и да не се шпекулира и да се прибегнува кон популистичка реторика и активности, да се разговара реално и со факти, се подвлекува во одговорот од владината прес-служба.

Познато е, Уставниот суд неодамна донесе одлука за тоа како да се исплатуваат платите на функционерите. Со неа, за функционерите коефицентите од 2.20 до 4.50 веќе нема да се применуваат на фиксниот износ од 26.755 денари туку на просечната бруто плата за 2022 година од 47.700 денари и што води кон драстично зголемување на функционерските плати.

Претходна вестВо Индија родени четири гепарди, вид кој во таа земја е прогласен за исчезнат пред 70 години
Следна вестЖена го нападнала својот сопруг, претходно со нож му се заканувала на синот