Владата доцна синоќа прогласи кризна состојба во времетраење од 30 дена поради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија.
Со одлуката на Владата, Министерството за внатрешни работи (МВР) доби задача да ангажира полициски сили при гасење на пожарите.
Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
„Владата му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба“, наведуваат од Владата.