Владата сега виде дека по општините има кал, па ќе не задолжи 70 милиони евра

Владата предизборно тргна со проект „Македонија без кал“. Поточно општините ќе направеле многу работи за да нема кал и на улици и на тротоарите, а за се направело тоа техничката Влада планира да се задолжи за 70 милиони евра кај Светската банка. Меморандумот за ова, меѓу Владата и претставници на 80 општини и на Градот Скопје, беше потпишан во понеделникот.

Ваквата „конструкција“ не може, а да не повлече неколку дилеми. Дали државата-народот треба и понатаму да бидат задолжувани, особено сега пред избори? Зошто локални проекти не се финансираат од општинските каси? Ако пак, општинските каси се празни зошто е така? Трошат ли рационално општините или се трупаат со административци? Дали се заборави дека Владата пред година и пол веќе плати цели 50 милиони евра за натрупаните долгови на општините од минатите години? Зошто Владата не го подобри трајно, со закони, финансирањето на општините? И впрочем, токму сега ли виде Владата дека по улиците низ градовите има кал?

-Мене сето ова ми наликува на предизборниот маркетинг. Зошто Владата да се здолжува за нешто што би требале да го плаќаат општините. Зарем општините немаат сопствени извори на финансирање преку комуналиите кои што ги земаат за станбената и друга градба на своето подрачје? Освен ова, овој кредит ќе биде земен за проекти кои не се производни, односно, нема да можат самите да се отплатуваат туку ќе треба да ги враќаме сите ние како граѓани преку државниот буџет, ни рече скопјанецот Зоран Поповиќ.

Како и во случај на дилемите околу враќањето на половина од долговите што им се натрупаа на општините и сега се поставува прашањето до кога државата на ваков начин ќе ги плаќа трошењата на општините. Тогаш се виде дека општините, меѓу кои и скопските, се задолжувале за се и сешто – за најразлични работи, потреби, за нови и нови вработувања на административците…. Во Скопје најзадолжена пред две години испадна општина Карпош со четири милиони евра, а на ниво на земјат Охрид со борч од осум милиони евра. „Војската“ на градски и општински административци лани достигнала 15. 685 лица, дури за 737 повеќе отколку пред две години и никако да почне да се намалува. Тоа значи дека и голем дел од општинските буџети одат за нивните плати и со што не остануваат проекти кои кои ќе се прават улици и тротоари за да нема кал и прашина.

-Зошто не почнат со намалувањето на тие вработени, со што ќе заштедат пари за комунални проекти. Вака излегува дека градоначалниците ќе си вработуваат свои партиски активисти, а за проектите ќе се задолжува државата- народот и таа ќе ги враќа долговите. Тоа не е во ред, ни вели скопјанецот Миле Р.

Но, оние што управуваат со државната каса очигледно имаат други планови кои им се врзани за изборите закажани за 12 април. Колку тоа може да им помогне за изборните потреби ќе пресудат граѓаните.

Се заборави на вишоците на вработени во скопски претпријатија
Кон крајот на 2018 година скопскиот градоначалник Петре Шилегов јавно кажа дека во градот има дури 1.200 административци повеќе отколку што е потребно. Во ЈСП имало 700 административци што е повеќе отколку што имаат возачи, во “Градски паркинг“ имало 258 вработени од кои половина се вишок… Но, и по година и пол ништо не се намали. Наместо тоа, се формираа и нови градски претпријатија „Лајка“, Градски енергетски системи, а се најави и градско станбено претпријатие. Тогаш, јасно станува кде оди голем дел и од градскиот буџет.