Владата смета дека би било неодговорно да си даде оставка

11

Оставка на Владата би значело неодговорност кон мнозинството граѓани кои дадоа поддршка на изборите токму за да ги водат одговорни политичари и убедени дека ќе се реализира европската агенда, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

-Во март Република Северна Македонија имаше исклучително позитивен извештај од Европската комисија за реформскиот напредок, каде е подобра од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат, рече Арсовски.

Новоназначениот портпарол истакна дека Владата останува посветена на европскиот пат, а пречките ќе се надминуваат врз основа на европските вредности и принципите на добрососедство и дијалог.

-Владата има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешки евроинтеграциски цели на земјава. Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти, на предизвик, треба да се покажат европски вредности. Дијалог, наместо конфликт, посочи Арсовски.

Тој истакна дека не се размислува за некаков Анекс и дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка дава добра рамка за надминување на овие прашања, при што нагласи дека македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик не може да биде предмет на преговори.

Лидерска средба не е предвидена и Владата смета дека за тоа нема потреба, бидејќи како што беше потенцирано македонските позиции се јасни и познати во јавноста.

 

Претходна вестСе најде решение, скопските пожарникари надоместокот за ризик ќе го примаат преку Правилник
Следна вестИсторичари од регионот во поддршката за Македонија: Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно