Владата со жешки соопштенија ли ќе ги грее радијаторите на скопјани?

Дојде постудено време и почнаа муабетите за греење. Поточно овде во Скопје почнаа, а на другите места низ Македонија каде нема парно одамна си зборуваат и преземаат мерки за тоа како ќе се греат.

И што е сега актуелно меѓу скопјани? Прашањето – дали радијаторите ќе бидат топли по становите?

Засега, како што стојат работите, скопјани ќе можат да се греат на жешките соопштенија кои доаѓаат од сите оние кои најмногу треба да се погрижат да нема стравувања дали домовите ќе бидат топли од 15-ти октомври. Владата, министрите, Регулаторна комисија за енергетика, ЕСМ, БЕГ, Адора… сите тие деновиве се распишаа со соопштенија за да укажат дека проблеми постојат и дека треба да се решат.

А клучен проблем е во фактот што БЕГ веќе нема лиценца за греење (и беше одземена), што на 20-ти јули истекол рокот во кој ја извршувале дејноста, дека договорот за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“ со „Адора“ е раскинат, а договорот со ЕСМ е истечен, дека истекла и законската обврска да ја вршат дејноста во период од 90 дена до избор на нов вршител на дејноста… Значи, до сега веќе требаше да биде извршен избор на нов вршител на дејноста, да се обезбеди горивото, вработените… се што е потребно. Но, наместо тоа, од Владата и РЕК се слушаат соопштенија со кои БЕГ се предупредува дека треба и натаму да си ја обавува дејноста, се до изборот на нов вршител на оваа енергетска дејност. Проблемот е што БЕГ нема обврска, но и сега веќе нема средства да ги грее становите, што и го објаснија од компанијата.

Зошто надлежните од Владата и РЕК дозволија да се дојде во ваква ситуација? Договорите што биле потпишани се јасни и обврзувачки и тие само треба навремено да се почитуваат. Излегува како да некој таму не знаел да ги чита и спроведува меѓусебните обврски. 

Сега малку може да помогнат нови жешки соопштенија. Треба работа, сериозна, пред се од Владата и нејзините институции.

Претходна вестТатко осомничен за убиство на тримесечно бебе, го претепал до смрт
Следна вест50 санкции за недавање првенство на минување