Владата виде ли што решително направи скопското комунално претпријатие?

Општо познато е дека во Македонија има многу лица кои земаат плата, а не одат на работа во државните и општинските претпријатија иако таму се запишани како вработени. Огромен дел од народните пари се одлеваат кон луѓе кои тоа не го заслужиле. На ова расипништво со години не се најде јунак да му стави крај.

Сепак, еве деновиве на 33 лица кои биле вработени, преку АПВ, во ЈП Комунална хигиена-Скопје, а кои со месеци и години земале плата иако не оделе на работа, не им биле продолжени договорите.

-Во ЈП Комунална хигиена-Скопје мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на нашите обврски кон граѓаните, потенцираат од претпријатието.

Ќе предизвика ли оваа постапка на скопското комунално претпријатие раздвижување во ист правец и во Владата и во другите општини? Ќе се лоцираат ли (нешто што не е тешко) каде се има про-форма вработени лица, а не доаѓаат на работа освен кога треба да си ја земат платата? Зарем не е време таквите или да почнат да работат или да бидат избришани од платниот список? Па нели криза е, нели требало да се работи и штеди?

Засега (како што пренесуваат медуимите) раздвижување има само кај државен функционер поставен од ДУИ кој и држи строги лекции на градоначалничката на Скопје  – „Данела, немој да мислиш дека си нашла ‘планина без волк’, па ќе можеш да правиш што сакаш!!“

До кога Македонија ќе расправа за волци, а не за луѓе и нивната еднаквост пред законите и пред работните обврски?

 

 

Претходна вестЛокализиран пожарот кај селото Фурка, во земјата има уште активни жаришта
Следна вестАгенти на ФБИ упаднале во домот на Трамп, му го провалиле сефот