Владиката Тимотеј: Очекуваме Томосот за нашата автокефалност заеднички да го потпишат српскиот патријарх Порфириј и Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Денешното издавање на Томос за наша црковна автокефалност е дел од предвидената постапка а наскоро очекуваме заедничко потпишување на посебен Томос од страна на српскиот патријарх Порфириј и на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, изјави денеска за „Скопско ехо“ владиката Тимотеј.

Тој ни рече дека не треба да се проблематизира денешното издавање на Томосот од страна на Српската православна црква. Дилемите се појавија врзано со фактот со кој Вселенската патријаршија е единствена институција која издава томоси за признавање на Православни цркви.

– Сето ова е дел од процедурата. По овој денешен чин Томосот на СПЦ оди кај сите православни цркви па и кај Вселенската патријаршија. Очекуваме во нареден период српскиот патријарх Порфириј и Вселенскиот патријарх Вартоломеј заеднички да го потпишат Томосот со кој нашата црква конечно ќе стане автокефална, ни рече владиката Тимотеј по богослужбата во Белград.

Следната недела, познато е, македонскиот архиепископ г.г. Стефан треба да одржи заедничка богослужба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул. Македонски поглавар во интервју за грчкиот весник То Вима изјави дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност. Тој рече дека Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на Православната Црква и ќе бара Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија, затоа што таа е единствената црква која по традициите и каноните издава таков документ. Архиепископот г. Стефан очекува дека тој Томос од Вселенската Патријаршија ќе го прифатат сите помесни православји цркви.

Во интервјуто тој потенцира дека целта на МПЦ-Охридската Архиепископоја не е да има експреснин решенија што ќе ја постават црквата на половина пат измеѓу, туку вистинска автокефалност призната од сите.

-Во православното предание има ред на работите. Ние се надеваме за автокефалија како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Нити бараме, нити посакуваме, нити заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската Архиепископија на половина пат и измеѓу. Во подготвителните заседанија, но и со разговорите во Шамбези, беше поставено прашањето за начинот на доделување на автокефалноста, односно тоа да се одвива по пат на некаков сеправославен консензус и да биде потврдено од сите претстојатели на Црквите. Вселенскиот Патријарх беше многу снисходлив, откажувајќи се и од своите права, за, сепак, да се дојде општо задоволство и мир во меѓуправославните односи. Но тоа што се предлагаше не се договори конечно и не беше усвоено и прогласено за важечко правило со сеправославно решение. Остана да важи традицијата загарантирана од каноните, дека единствено Вселенската Патријаршија издава томос за автокефалност, а другите Цркви тоа со почит го прифаќаат, вели г.г Стефан во интервјуто за То Вима.

Претходна вестВо четири сообраќајки повредени четворица мотоциклисти и една сопатничка
Следна вестПретпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи