Владина СОЗР: Дезинформација е дека нашите шест вработени биле прикажани како новинари

Дезинформација е дека шесте вработени лица во Службата за општи и заеднички работи на Владата при посетата во Бугарија биле прикажани како новинари, соопшти денеска оваа владина служба. До демнат доаѓа откако во медиумите и од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се појавија информациите дека шесте вработени биле лажно претставени како новинари.

– Најостро го демантираме и отфрламе како дезинформација објавеното во дел од медиумите за наводното прикривање на вработени лица во Службата како новинари при посетата во Софија, Р Бугарија заради одржувањето на заедничката седница на Владите на РС Македонија и Р Бугарија. Шесте вработени лица во СОЗР при посетата во Бугарија присуствуваа заради извршување на работни задачи – организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која беа и медиумски претставници, на заедничката седница помеѓу Владата на РС Македонија и Владата на Р Бугарија, се наведува во соопштението.

СОЗР информира дека согласно заклучокот од 4-та седница на Владата на РС Македонија одржана на 20.01.2022 година, Службата е задолжена да ги преземе сите потребни активности и координација во врска со сместувањето и превозот на новинарите кои ќе присуствуваат/известуваат на заедничката седница помеѓу Владата на РС Македонија и Владата на Р Бугарија, која ќе се одржи, односно од оваа временска точка, веќе одржана на 25 јануари 2022 година, а со вакво задолжение Службата е задолжена врз основа на Одлуката за нејзиното основање, каде се регулирани и уредени нејзините надлежности.

-Оттука, дезинформација е дека шесте вработени лица во Службата на посетата во Бугарија биле прикажани како новинари, истите присуствуваа заради извршување на работни задачи согласно наведениот заклучок на Владата, и за истите не е направен дополнителен трошок, се наведува во инфорамцијата.