Нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи како што се лебот, шеќерот, брашното, оризот и јајцата, ваучери од по 1.000 денари во период од три месеци за најранливите категории да си купуваат храна, но и намалени акцизи за дел од горивата, како и помало ДДВ од 18 отсто на 10 проценти при промет на енергенти…
Ова се дел од пакетот мерки што Владата ги донесе на денешната седница. Пакетот се состои од вкупно 26 мерки и препораки, со кои власта сака да ја ублажи кризата која е резултат на пандемијата, но и на воената агресија на Русија врз Украина. Меѓу препораките се и рационално да се трошат енергентите, а Регулаторната комисија на дневно ниво да ги усогласува цените за горивата.
Дваесет и шесте мерки и препораки се поделени во две групи: првата се однесува на заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите, а втората група е за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Прва група: Мерки за заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите
- Намалување на повластената стапна за ДДВ за основните производи за храна од 5 на 0 отсто. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се: леб; шеќер; брашно тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко; свежо месо; ориз и јајца.
- Замрзнување на маржите на основните производи за исхрана.Со оваа мерка, вели премиерот Ковачевски, ќе се спречи создавање голем профит, а ќе се влијае и на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
- Ваучери за основни производи од по 1 000 денари месечно за период 3 месеци за 35 000 граѓани од најранливите категории
- Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји
- Пролонгирање на примената на повластената даночна стапка од пет отсто за прометот со електрична енергија кон домаќинствата. Со ова, според премиерот, се ублажува ценовниот удар од растечката цена на струјата на светските берзи и се штити животниот стандард на граѓаните. Оваа повластена даночна стапка ќе важи до крајот 2022 година.
- Препорака за менување на методологијата за утврдување цена за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија. Очекувањата на Владата се ваква нова методологија да овозможи пониска цена за струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.
- Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија.Оваа мерка вклучува субвенции за потрошувачка на енергија за сите домаќинства – корисници на електрична енергија.
- Субвенции за пензионерите од 1 000 денари месечно за период од 3 месеци
Оваа мерка произлезе од социјалниот дијалог на Владата со Сојузот на пензионери, со кој беше договорена и нова методологија.
- Продолжување на субвенционирањето на целата на електричната енергија за регулираниот пазар (за домаќинствата и малите потрошувачи). И ова, според очекувањата на Владата, ќе се заштитат граѓаните од ценовен шок, а мерката ќе биде активна до јуни 2022 година.
- Субвенционирање на цената за топлинска енергија. Оваа мерка веќе е позната и таа, според Ковачевски, ќе овозможи квалитетно и континуирано снабдување со парно за жителите на Скопје.
- Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии. Ова ќе овозможи да се намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор, а ќе се подобри и нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.
- Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година. Парите од оваа програма во вкупен износ од 33 милиони денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата на градба на која имаат право на сопственост или користење.
- Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа. Ова значи дека Владата ѝ препорачува на Регулаторната комисијата цените на горивата да ги менува на дневна основа, барем додека трае кризата е цените за да се избегнат големи ценовни промени.
- Пролонгирање на воведувањето на еколошката такса за енергентите. Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, рече премиерот, Владата ќе го пролонгира воведувањето на овие такси кои сега се во собраниска процедура.
- Намалување на стапката на ДДВ од 18 % на 10 % при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Целта е со оваа мерка да се заштити куповната моќ на крајните потрошувачи – граѓаните и земјоделците кои купуваат во мал обем. Со ова, рече Ковачевски, практично се намалува цената на енергентите за граѓаните
- Намалување на акцизата врз основа на берзанските цени. Оваа мерка ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти и тоа за околу 1,2 денар односно 2,3 односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намалениот износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
- Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување
- Препорака општините да го реорганизираат јавниот превоз за да биде достапен во корист на сите граѓани. Целта е граѓаните да имаат поефикасен транспорт за да може да заштедат, рече Ковачевски.
Втора група мерки: Финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка
- Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година. Оваа мерка, според Ковачевски, ќе ја поддржи ликвидноста на деловните субјекти со тоа што државата ќе ја субвенционира каматната стапка.
- Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната банка на компаниите. Владата очекува ова да ја подобри ликвидноста со оглед дека станува збор за исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови, а заради зголемените трошоци за електрична енергија.
- Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства. Мерката ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите, рече Ковачевски, при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2 % до 4 % годишно, а крајните корисници ќе ги користат безкаматен трошок.
- Користење на Гарантниот фонд при Развојната банка. Ова значи дека ќе се издаваат портфолио-гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање.
- Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1,6 %.
- Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција
- Зелено финансирање преку ЕБОР, Програмата на Обединетите нации за развој и комерцијалните банки. Ова треба да обезбеди пристап до зеленото финансирање на малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи избори на енергија и решенија за енергетска ефикасност
- Препорака за штедење и рационално користење на електричната енергија и енергентите.