Власта е преокупирана со Уставот, а граѓаните се окупирани од други големи проблеми

Колумна на Никола Тасев:

Ова ултиматумот за промена на Уставот ја преокупира власта целосно. Самите се заглавија мислејќи дека и опозицијата ќе ведне глава, како што тоа го направија тие. И страшното во сета оваа збрка е дека преокупираната влада не гледа дека Македонија тоне во други проблеми, кои реално се одразуваат на животот на граѓаните.

Ама владата повторно има план само како да обезбеди 80 пратеници, кои ќе поддржат измена на Уставот. Не знам дали овие браворузни идеи ги промовираат за да покажат во јавноста дека нешто работат или за да држат тензија кај сопартијците. А помина цела недела, откако премиерот Ковачевски „ги лажеше нив, а тие не лажеа нас“ околу тоа што било договорено на лидерската средба. Им се расплини спинот, па од вчера решија да ја сменат плочата. Бојан Маричиќ го промовираше новиот спасувачкиот план: ќе му дале на ВМРО-ДПМНЕ уште некоја шанса во наредните денови да се согласи за уставни измени, а ако тоа не се случи ќе тргнеле во директни разговори со секој пратеник?

Како? Каде? Со кои пратеници ќе разговараат Маричиќ и неговите сопартијци? Со истите оние од ВМРО-ДПМНЕ кои веќе цела година стојат цврсто на ставот дека уставни измени под овие услови не се можни. Што ново ќе им соопштат? Ќе ги киднапираат ли, ќе ги уценуваат и поткупуваат ли? Пак ли со дипломати по хотели ќе ги носат на советување?

Чуден план имаат од власта, ама мене прашањето ми е: каде им се плановите за решавање на другите проблеми во државата. Ги нема – не постојат. За тоа не мислеле! Оти се друго во државата не им е важно. Важно им е да угодат на странците и потоа од нив да чекаат повторно крунисување на избори. Забораваат ли дека крунисувањето го прави народот? Ете тоа е она што загрижува: исполнувањето на бугарските условувања се врвен приоритет за владата –  другото може да чека.

А болните од цистична фиброза не може да чекаат! Откако на сила некако, под притисок и на јавноста набавија терапија за десетина пациенти, застанаа, заглавија… Што е со другите пациенти? Ќе чекаат ли првин да се смени Уставот, за да добијат лек. Каков е воопшто планот на власта за подобрување на урнисаниот здравствен систем во Македонија? Знаат ли од владата дека има и многу пациенти со други ретки болести, за кои уште јавноста не дознала, затоа што не го кренале својот глас. Ама семејствата на тие пациенти знаат какви маки преживуваат, за да обезбедат соодветна терапија за својот син, ќерка, татко… И тоа се „на приватно“ оти државата не им ја обезбедува потребната медицинска заштита.

Од власта свесни ли се и дека школската година вчера заврши, а некои ученици – учебник не видоа. Еве кај е септември. Пак ли и следната година ќе се учи од копирани листови. План за ова има ли? Или учениците нека се снаоѓаат, важно е да се промени Уставот, што според нив ќе им ги спаси фотелјите.

Мостот Беласица, кај поранешен скопски Саем – ќе се реши ли некогаш? Градот и досега беше заглавен во сообраќаен метеж, сега по опожарувањето на овој мост пред два месеца, скопјани дремат во автомобилите со часови. Чекаат… Белким кога ќе се оствари приоритетниот план на власта за Уставот, ќе се среди и мостот.

Среќа што поминавме мека зима, па последиците од ненавременото обезбедување на електрична енергија и енергенси, граѓаните не ги почувствуваа. Се уште не видов план – подготовка за престојната зима, освен дека од следниот месец најверојатно ДДВ на струјата ќе се качи од 10 на 18%. Гледаме колку е „лудо“ времето, што ако стегнат студови уште во октомври. Тогаш ли ќе се моли по соседите за набавка на енергенси. Ќе се обезбедат не е спорно тоа, но по која цена?

Има уште многу за пишување, за потсетување дека промената на Уставот не е единствениот приоритет во Македонија. Има многу проблеми за решавање и тоа веднаш. А власта нема план, нема идеја, нема расположение… презафатена е.

И овој, најновиот план за Уставот ќе се спинува во јавноста уште неколку дена. Па ќе измислат нов. Само тие можат да смислат од ништо – поништо. Можат ова со Уставот да го претворат во турска серија. А лесна е работава – треба само план за брзи и предвремени избори! Оти само тој план ќе ја спаси Македонија.

 

Претходна вестПротест за поддршка на Тони Менкиноски, доби пријава затоа што го развеа знамето со сонцето од Кутлеш
Следна вестКазнети 161 возач во Скопје, 24 возеле брзо, 10 без возачка дозвола