Власта ја клекна Македонија, опозицијата избра салонски начин на борба против тоа

Скопјани веќе не ни ја опсервираат Владата, туку…

И политичките и економските и состојбите во судството во Македонија не одат во добар правец. Ова е констатацијата на скопјани со кои поразговаравме за ситуацијата во земјата, и кој е кој, во таквата ситуација. Нашите соговорници се разочарани што во годината за која власта зборуваше дека ќе биде реформска, дека ќе биде година на економијата, на подобрувањето на стандардот на граѓаните и на брзата интеграција во евроатланстското семејство, нам ни се случува спротивното. Сите без исклучок прво па споменуваат дека на земјава и натежнаа афери со корупција која допира до врвовите на политичката и судскообвинителската власт… Напоредно со ова ни се случуваат штрајк на просветарите, нови скандали, афери…

– Оваа влада е тотално разочарување. Овие министри ги разнишаа темелите на Македонија. Но, не е мала разочараноста и од опозицијата која ни кажува дека е свесна што се прави во земјата ама не прави скоро ништо тоа да се спречи, ни прокоментира скопјанката Нада Јорданова.

Скопјани како да не сакаат веќе воопшто да ја опсервираат власта, велат таа е прочитана. Затоа во текстов ви ги пренесуваме само забелешките кон опозицијата за која велат дека многу млако се однесува кон сето она што го прави власта, и дека најчесто тоа се соопштенија или прес конференции кои како што велат воопшто не го предомислија премиерот Заев да си тера по свое.

-Најголемата опозициска партија едноставно како да не ги користи сите можности за спротивставување на власта. Тоа се гледа по разни прашања. Јас сум убедена во тоа и тоа мислење го имам уште од пред Пржинскиот договор, вели скопјанката Роза Китановска.

Нашите соговорници се прашуваат: зошто ВМРО-ДПМНЕ не го користи парламентот за посериозна борба со раскалашаната власт. За нив е неразбирливо зошто опозицијата не даде сериозен отпор во парламентот при промената на името на државата.

-Мене ми делува дека тие сакаат да бидат „салонска опозиција“. Да беше поинаку, ќе ги користеа сите можности за спротивставување на власта по разни прашања, мислење е на граѓанинот Милан Поповски.

На опозиционерите им се замера и тоа дека борбата ја свеле на прес-конференции на портпаролите на кои ќе се каже нешто или на по некоја критика од нивниот лидер на социјалните мрежи и тоа додека е на одмор.

-Опозицијата само на социјални мрежи покажува заби, а на дело државата ни се продава. Тие можеа и требаа да бидат многу поактивни и да вршат притисок. Се им се сведува на лаење, а карванот во меѓувреме си врви. Не користат ништо, дури ни барање за вонредни седници, расправи и слично во парламентот. Таков пратеник можам да бидам и јас и било кој, смета скопјанецот Лазар Утов.

За Горан Тасевски пак, во големите партии веќе не гледа сериозна разлика:

-И двете партии економски ја опустошија државата и ги предадоа националните интереси. Нема разлика да ли се во опозиција или на власт, смета тој.

Во едно се согласија сите наши соговорници, дека власта е веќе непоправлива и треба да си замине, а опозицијата има уште малку време да покаже дека е различна од власта.