Власта се уште нема црвени линии, зaтоа продолжува газењето на македонското достоинство

Колку договорите го подобрија добрососедството?

Борисов гледа дека спроти себе има слаб и попустлив Заев и нормално дека ќе се обиде да ни ја понижи државата, за потоа полесно да ја направи зависна. Погледнете го улижувањето на министерот Димитров каде и да отиде, кому тој му има кажано НЕ? Што очекуваме странците да мислат и планираат за Македонија откако ќе го видат него, ни коментира центарката Офелија

Имаат ли крај обидите за понижување на Македонија и Македонците? Го сменија името на државата и велеа дека со тоа завршуваат маките на државата и народот. Ама потоа се бараше ревидирање на нашата историја, па потоа да прифатиме дека Гоце Делчев е Бугарин, па дека бугарската војска во Втората светска војна не била окупатор во нашата земја, а сега на ред дојде и барањето да се прифати дека македонскиот јазик не постои и дека е дијалект на бугарскиот! Што ќе биде следно? Која ќе биде новата уцена?

Вакви прашања неминовно се поставуваат меѓу македонскиот народ. Во меѓувреме и од соседна Грција веќе почнаа нови провокации, со промоција на трговскиот бренд „Macedonia the Great”…

-Борисов гледа дека спроти себе има слаб и попустлив Заев и нормално дека ќе се обиде да ни ја понижи државата за потоа полесно да ја направи зависна. Погледнете го улижувањето на министерот Димитров каде и да отиде, кому тој му има кажано НЕ? Што очекуваме странците да мислат и планираат за Македонија откако ќе го видат него, по малку резигнирано ни коментира центарката Офелија.

Условувањата ќе продолжат, проценуваат и други скопјани:

– Се разбира дека се очекуваат и понатамошни отстапки, затоа што соседите почувствуваа дека “сега му е мајката”, да се искористи оваа прилика до максимум. Ја осетија слабата страна на македонскиот народ, дека економската состојба во која живее катастрофална и тоа им дојде како едно големо “добредојде” за да почнат да ја уценуваат нашата “држава” со сѐ што ќе им текне, смета граѓанинот Ване Калајџиев.

На дело сега почнаа да се гледаат последиците од двата договора кои Македонија ги потпиша, со Грција и Бугарија, со кои нашата земја премногу попушти на разни полиња. Едноставно, нашата Влада немаше „црвени линии“.

-Соседите видоа дека немаме црвени линии и дека сме попустливи. Ако не ни се случеше продажбата на нашите интереси од премиерот Зоран Заев тогаш и соседите немаше да можат да не понижуваат, потенцира Жарко Пешовски.

Она што загрижува е што и сега при најновите притисоци, нема силен одговор на нашите високи претставници. Премиерот Заев прво најави реакција на Владата кон Бугарија за јазикот, а потоа рече „нема потреба од испраќање на протестна нота. Дали е ова доволно, и дали е исцртување на црвени линии, граѓаните можа сами да проценат.

-Соседите почувствувале дека не го браниме тврдо нашиот јазик и идентитет и настапуваат офанзивно. Сега, заради нашата попустливост, тие само си ги прошируваат нивните барања, потенцира граѓанинот Благоја Николоски.

Дел од нашите соговорници, се загрижени и од фактот дека ниту најголемата опозициска партија не манифестира дека има сериозни црвени линии.

Вака ако се продолжи на ред се и народните песни

Извесно е дека набрзо ќе се појават условувањата и во други области: ќе се бара да признаеме дека некоја наша народна песна – не била наша, дека овој или оној настан или личност биле на друг народ, а не на македонскиот. Всушност, ќе се бара целосното ревидирање на нашата историја и традиција… Се разбира, се може да се спречи ако конечно се постават црвени линии.