ВМРО-ДПМНЕ денеска побара посредништво од меѓународната заедница, бидејќи се сомневаат дека владејачките СДСМ и ДУИ подготвуваа изборна кражба.
Пратеникот и доскорешен генерален секретар на партијата, Игор Јанушев на прес-конференција ја обвини власта дека оневозможува да се спроведат измените во Изборниот законик, кои предвидуваат набавка на скенери за отпечатоци од прст, како метод за проверка на гласачите што би почнал од претстојните локални избори што кај нив отвора сомнеж дека се подготвува изборна кражба.
– Владата на СДСМ и на ДУИ, во буџетот за 2021 година, и покрај законската обврска, не предвиде средства за набавка на опремата, и покрај барањата на ДИК. Небулозни се тврдењата дека со сегашните измени на Изборниот законик, МВР не смеело да ја достави базата на податоци со отпечатоци од прсти. Треба само да го погледнете членот 43 од Изборниот законик за да видите дека МВР доставува до ДИК податоци и фотографии за граѓаните…, рече Јанушев.
Тој не даде конкретен одговор дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите ако владејачките партии не се согласат да се набават скенери за отпечатоци.