Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски е само фигура преку која говори Зоран Заев и неговиот бизнис интерес. Бислимоски не е независен, тој е активист на СДСМ. И за тоа постојат фотографии од кои се гледа како тој со поширокото раководство прославува во централниот штаб на СДСМ, обвинија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението на оваа партија се додава дека освен Билимовски, СДСМ во Регулаторна комисија го „згрижила“ и Панче Орцев, поранешен пратеник од Струмица и бизнис партнер на Заев.
–Бислимоски и Орцев од Регулаторна се партиски инсталации на Заев во Регулаторна со која ја покачуваат цената на струјата и го осиромашуваат народот. Тие двајца преку РКЕ ја поскапуваат струјата за да можат Заеви преку универзалниот снабдувач да испумпуваат десетици милиони евра преку тендери за обезбедување, кои ги добива една струмичка агенција за обезбедување, обвини оваа партија.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа прв во серија на најавените протести на граѓаните против владеачката партија. „Мафија на робија“ за власта и „Оставка“ од претседателот на комисијата за енергетика се слушаше од устите демонстрантите. А, главната парола „Скапа струја, сиромашен народ“ од пред Министерството за правда ја однесоа до седиштето на регулаторната комисија за енергетика. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обраќајќи им се на граѓаните упати три барања до Владата, за кои рече дека треба да одговорат во наредните денови.
–Прво барање – враќање на старата цена на електричната енергија. Наместо да му овозможувате вонреден профит на универзалниот снабдувач намалете го процентот. Второ барање – неделен викенд без ДДВ во септември како што беше ветено пред изборите. Трето барање – професионализација на регулаторната комисија за енергетика со натпартиски кадри, посочи Мицкоски.
Мицковски порача дека ова е првиот од серијата протести против „неправдите од Илинденска бр.2“ и детронизирање на власта која дошла на позиција со „украдени и поткупени избори“.