ВМРО-ДПМНЕ: Инцидентот во Битола е реакција на владејачкото распродавање на националните интереси

ВМРО-ДПМНЕ не поддржува никаков вид насилство и смета дека тоа не е одговор на проблемите, но воедно истакнуваме дека инцидентот во Битола е реакција на акцијата на власта поврзана со распродавањето на државните и националните интереси, е наведено во писмената реакција од страна на оваа партија.

-Таквата распродажба на националните интереси, дозволувањето и патронатството на провокации сервирани од источниот сосед од страна на Владата на Македонија предизвикува кај голем број граѓани фрустрација и бес. Во време кога сè уште нема одговор каде се парите од рекетот, во време кога се дозволи Ден Дончев да избега со туце пари што ги зеде како мито, кога Рашковски и Зекири се осомничени за огромни злоупотреби, кога нема виновни за горењето на пациентите во модуларната болница во Тетово, нема одговорност за несреќите во Ласкарци и во Бугарија, кога Спасовски не одговара за нелегални пасоши издадени на белосветски мафијаши, спроведувањето закон врз сторител на инцидент во Битола е замачкување на очите на јавноста за да се дефокусира вниманието од колективна неправда, срушениот правен систем и економската катастрофа во која живее народот, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението во врска со инцидентот во Битола.

Решението на сето ова, како што додаваат од партијата на Мицкоски, е да се промени Владата, затоа што, како што велат, премногу е!