ВМРО-ДПМНЕ: Афера „Паразити“, додека народот гладува директорот на М НАВ со плата од 5.528 евра

Функционери именувани од владата за еден месец заработуваат колку што поголем број од граѓаните можат да заработат за нецели две години. Само Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор и Извршен директор во СВН во М НАВ, именуван од страна на владата месечно зема 345.000 денари на име плата, објави денеска опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

На прес-конференцијата Ивица Томовски, член на партискиот Централен комитет, почна да ги објавува деталите во аферата „Паразити“ што беше најавувана последниве денови. Тој обвини дека одделни функционери живеат во луксуз и земаат огромни плати додека народот гладува, кога инфлацијата е 20 отсто а просечната плата 18.000 денари.

-Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор и Извршен директор во СВН во М НАВ, именуван од страна на владата месечно зема 345.000 денари на име плата (5.528 евра). За една година тоа се 4.140.000 денари, а за мандат од 4 години 16.560.000 денари. Ако оваа сума се подели со 18.000 денари колку што е просечната плата, се добива 920, тоа е бројот на месеци, што е еднакво на 76 години, кои што се потребни за да се заработи таа сума на пари со минимална плата. За еден мандат Хамиди, од челното место на М НАВ ќе замине со пари за кои што поголемиот број на граѓани ќе треба да работат 76 години, наведе Томовски.

Тој додаде дека ништо поразлично не е ниту членот на УО и Извршен директор во СВТ на М НАВ, Владо Крстевски, кој зема 266.000 денари месечно.

-За четири години Крстевски од државата ќе земе 12.768.000 денари на име плата. Овие двајца функционери именувани од владата за еден свој мандат во М НАВ заедно ќе наплатат половина милион евра само за плата. Двајцата директори во М НАВ ја чинат државата еден голем булевар, или само со парите за нивни плати за 4 години може да се купат 8 амбулантни возила или 3 противпожарни возила. Сега е многу појасно зошто власта нема слух за растечката инфлација, за секојдневната мизерија во која тоне народот. За овие функционери од власта нема криза, се додека е СДС на власт, и се додека истото тоа СДС зема кредити и се задолжува буџетот, ќе може да им се исплаќаат плати и пари кои што поголемиот дел од народот нема никогаш во живот да ги заработи, потенцира Томовски.

Претходна вестМНР: Македонска државјанка полесно повредена во турканиците по експлозијата во Истанбул
Следна вестКому и да му притреба – добива македонски пасош, ќе одговара ли некој за тоа?