Како задоценти и премали ги оцени мерките кои вчера ги донесе Владата најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение се наведува дека тие се недоволни за справување со економската криза.
-Дел од таканаречени мерки се само советодавни кон граѓаните, или мерки кои треба месеци за нивно реализирање. На граѓаните не им треба гол популизам, туку видливи и реални мерки кои ќе им помогнат да го пребродат овој кризен период. Нема нови странски инвестиции, нема инвестиции во капитални проекти, оваа криминална власт мисли само на грабеж, тендери и партиски вработувања на грбот на сите граѓани. СДСМ и ДУИ се обидуваат со доделување по 1000 денари месечно да ги прелажат пензионерите и граѓаните, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа партија потсетува дека за разлика од Македонија, каде што изминативе 4 години нема ниту една нова странска инвестиција, реализацијата на капиталните проекти е на најниско ниво, инфлацијата ќе достигне двоцифрена бројка, нашиот северен сосед, Србија изминативе години отвори нови 250 фабрики од над 3.9 милијарди евра инвестиции, а на секој полнолетен граѓанин во оваа криза им даде по 100 евра, а на пензионерите по 170 евра.
-Власта на администраторот Ковачевски не го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата на нафтените деривати за 50% и веднаш да се намали цената на горивата за 13 и 9 денари, туку понуди комплициран модел кои никој не го разбра и не гарантира дека ќе допринесе за намалување на цената на дериватите. Ја повикуваме власта, доколку сака да им помогне на граѓаните да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата смета дека најдобар излез од кризата е оваа неодговорна и криминална власт што побргу да си замине и дека најрационално решение се брзи парламентарни избори.