ВМРО-ДПМНЕ: Не се намалува невработеноста туку луѓето се иселуваат од Македонија

Иселувањето од Македонија е крајно загрижувашко и бројките од минатата година покажуваат колку лошо владеат СДСМ и ДУИ. Ова стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоци на ДЗС во 2021 година во Македонија бројот на активно население изнесувал 943.004 лица, од кои 795.087 лица се регистрирани како вработени, а 147.917 како невработени. Истата институција, ДЗС за првото тромесечие од 2022 година излегува со податок дека во земјава има 811.197 активно население, од кои 691.498 се вработени, а 119.699 невработени.

Според податоците на ДЗС од 2021 година до првото тромесечие од 2022 година од Македонија се иселиле над 130.000 луѓе, од кои над 100.000 биле вработени и ја напуштиле својата работа, а 30.000 не биле вработени.

Овие бројки објавени од институцијата која треба да води грижа за статистиката во земјава се кобни. За една година од Македонија се иселиле работоспособни луѓе колку цела општина Куманово, колку Штип и Битола, или колку Тетово и Кичево заедно.

Според овие бројки од ДЗС, СДСМ и ДУИ се апокалиптична комбинација за Македонија.

Доколку реално се погледнат бројките, тогаш доаѓаме до фрапантно сознание дека не се намалува невработеноста воопшто, напротив се повеќе луѓе остануваат без работа или ја напуштаат и се иселуваат од државата.

Со СДСМ и ДУИ Македонија само ќе тоне. И се повеќе народ ќе се иселува. Премногу е, протест за промени на 18-ти јуни во 20 часот пред влада.