ВМРО-ДПМНЕ предлaга формирање на специјална комисија против Ковид-19, Филипче одбил

ВМРО-ДПМНЕ предлага предлог-закон за формирање на специјална државна комисија за заштита и борба против пандемии и епидемии. Предлогот е комисијата да брои 11 члена, меѓу кои министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови,имунолог еден член и специјалист интернист еден член. Ова на денешната конференција за печат го соопшти Антонијо Милошоски, пратеник на оваа партија во македонскиот парламент. Тој додаде дека вчера предлогот го доставиле до министерот за здравство, Венко Филипче, но тој ги одбил.

-Вчера имаше средба помеѓу министерот за здравство и професорот Вело Марковски кои што разговараа на оваа тема. На неа беше предложена нашата идеа за формирање на специјална државна комисија за борба против пандемијата но, за жал, истата не беше прифатена, рече Милошоски.

Според него, очигледно е дека министерот за здравство Филишче, за разлика од мнозинството во јавноста, се уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за Ковид што ја предводи докторот Жарко Караџовски.

-За таа Комисија ние сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој за сегашната ситуација да понесе одговорност и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката Мош. И како човек и како пред некое време пациент од оваа заразна болест, но и како пратеник се чувствувам со многу поголема доверба и сигурност кога ги слушам изјавите на проф. др Никола Пановски за разлика од тоа кога ги слушам изјавите на премиерот Зоран Заев кој што тврди дека вирусот лебдел и дека со секое движење ние го креваме во воздух. Сметам дека такви паушални изјави, несериозни не се потребни во овој момент кога навистина сме загрозени со пандемијата, рече Милошоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ актуелниот предлог-закон за заштита на населението од заразни болести, не содржи конкретни мерки за борба против пандемијата, нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат Ковид тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови.

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта во текот на денешниов ден, да закаже собраниска седница, на која ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат за да има кворум.

 -Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата, додаде Милошоски.

Претходна вестОпозицијата бара надзорна расправа во Собранието за Еуростандард банка
Следна вестМодуларната болница веќе примила 15 пациенти