ВМРО-ДПМНЕ вечерва тргнува со протести, првиот е за поскапувањето на струјата

Прв од серија на најавените протести вечерва со почеток во 18 часот пред Министерство за правда ќе одржи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија упати повик до граѓаните да се придружат на протестот кој вечерва ќе биде посветен на неодамнешното покачување на цената на електричната енергија. Предвидено е протестот да заврши пред Регулаторна комисија за енергетика.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати повик до опозициските партии и невладините организации и поединци на формирање опозициски фронт против власта.

-Мафијата на власта се богати преку грбот на народот. Можеби имаме различни гледишта и концепти, но нѐ обединува сиромаштијата. Со активен отпор на улица и да протестираме за секоја тема што ги мачи граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши, а сиромашен народ. Мафијата не се урива со една битка, туку со многу битки и труд. Ова е почеток на нивниот крај. Ние оттука тргнуваме – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ во свое соопштение укажа на лоша економска политика на владеачката партија СДСМ.

– Поради Заев и СДСМ јавниот долг на Република Македонија е енормно зголемен од нивното доаѓање на власт, од третиот квартал во 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година за една милијарда и 740 милиони евра или вкупно 11,8 отсто.  А, пак државниот долг од 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година е зголемен од 3 милијарди 958 милиони на 5 милијарди 561 милион. Тоа се цели 1,6 милијарди евра или тоа е за 11,3%.  Катастрофалните мерки на оваа власт предизвикаа драстичен пад од 12.7 проценти на БДП во вториот квартал во 2020 година. Поради СДСМ Македонија бележи и пад во индустријата, увозот и извозот, а невработеноста е зголемена за над 40.000 лица, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестСончево со умерен ветер
Следна вестМаски не носеле 485 лица, следуваат казни