Во гевгелиската детска градинка „Цветови“ се прикрива брутален инцидент во кој тешко е повредено 10-месечно бебе, обвини денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова на прес-конференцијата изјави дека директорката Елизабета Стефановска, поставена од министерката Јована Тренчовска молчи и го крие инцидентот.
-Во вторникот, 22.11.2022 година, во детската градинка „Цветови“ во Гевгелија се случи брутален инцидент, 10 месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со констатирани тешки телесни повреди и хематом на главата. Директорката на градинката Елизабета Стефановска, која е поставена од Јована Тренчовска се обиде да го прикрие скандалот, наместо да, преземе дејствија за санкционирање и да го пријави случајот во полициската станица во Гевгелија. Случајот во полиција го пријавува родителот на бебето ден потоа, обвиуни Петкова.
Таа додаде дека Елизабета Стефановска е директор на детската градинка „Цветови“. Според неа, за да Стефановска остане директор на градинката како кадар на Социјалдемократскиот сојуз, и покрај големиот број на пропусти во работењето министерката Јована Тренчовска му ги одземала ингеренциите за детските градинки на територија на општина Гевгелија на градоначалникот Андон Сарамандов. Мандатот на Стефановска иако завршен и е продолжен од страна на министерката Тренчовска.
-Повредите со какви се стекнало 10 месечното бебе се големи. И реакција и одговорност мора да има. Ова не е прв инцидент откако оваа директорка менаџира со градинките во Гевгелија, сличен инцидент имаше пред две години, а минатата година кога снема огромни количини на нафта во градинката институциите повторно затаија со реакција. Ова е втор инцидент на дете со големи повреди во мандат на истата директорка. Уште што треба да се случи за истата да биде сменета? Затоа повикуваме. Одговорност за инцидентот мора да има. И треба да бидат санкционирани со отказ и да се поднесат соодветни пријави. Ја повикуваме министерката да ја разреши директорката и да поднесе соодветни пријави заради прикривање и не преземање дејствија, потенцира Петкова.