Внимавајте, на скопските улици се снима „Хомо“

Седумдесет актери, 450 статисти и над 100 возила учествуваат во снимањето на новиот филм на режисерот Игор Иванов – Изи, „Хомо“, што почна вчера на улиците во Скопје. Станува збор за урбана скопска приказна, а дел од сетовите граѓаните ќе можат да ги видат на окололу 20тина локации низ градот.
Тематиката опфаќа приказни од животот на 6 видови на луѓе, а идејата е да се види големата слика за тоа како функционира општеството тука и во светот.
-Филмот ќе се снима само во Скопје и се очекува кон крајот на годината да биде завршен и да се понуди на светските фестивали, вели продуцентот Томи Салковски. Тој додаде дека во филмот игра и Александар Матовски-Цако, првиот човек со Даунов синдром, кој говори во Обединетите нации. Тој ја игра улогата на Гоги, дете со Даунов синдром, кој се соочува со сите предизвици на ова општество како што е нашето.
Кастингот кој е интернационален, го предводат: Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковска, Себастијан Кавца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.