Во 120 – члениот Централен одбор на СДСМ две третини ќе бидат нови членови

Две третини од кандидатите кои се предложени за новиот состав на 120-члениот Централен одбор на СДСМ се нови членови, со што следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, изјави денеска во воведното обраќање на партискиот конгрес Зоран Заев, лидер на СДСМ. Тој објасни дека од овие 120 кандидати, 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади.

-Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање на и менталитетот на политичките партии во земјата, почнувајќи од СДСМ, најави Заев.

Тој посочи дека новата политика ќе се реализира преку пет клучни столба: обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот, охрабрување на различно мислење, градење на СДСМ за новото време и подигнување на мотивацијата на целиот наш народ.

Тој рече дека во наредните четири години СДСМ ќе продолжи да биде одлучувачка сила, која носи државнички одлуки.

-Ние од доаѓањето на власт се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, и на внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави сеж за да ги спречува реформите. Нашиот белег како партија беше и сè уште е – никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања, потенцира Заев.

Најинтересно прашање на конгресот кој работи онлајн се води околу тоа дали во партијата и натаму ќе има функција заменик-претседател и кој би ја обавувал откако Радмила Шеќеринска најави свое повлекување од таа позиција. Партиските извори наведуваат дека во игра се и двете опции: да се предложи ново кадровско решение и да се укине таа функција, а за тоа ќе реши лидерот Заев. Неофицијалните партиски извори како можен наследник на Шекеринска ја посочуваа Сања Лукаревска, актуелната директорка на УЈП. Напоредно со ова, како можни наследници на актуелните потпретседатели Коста Петров и Мухамед Зекири се спомнуваа Фатмир Битиќи и министерот за здравство Венко Филипче. Кандидати за овие функции ги предлага претседателот на партијата.

Претходна вестСтрански државјанин приведен поради поседување опојна дрога
Следна вестОд 2.557 тестирања само 62 нови заболени од Ковид – 19, починале 14 лица