Во Автокоманда ќе има зонско паркирање, бесплатно за две возила од едно домаќинство

Со зонско паркирање ќе се решава проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда откако жителите се изјасниле позитивно на теренската анкета што ја спровела Општина Гази Баба. За таа цел, синоќа во Културниот дом „Димитар Влахов“ во Автокоманда пред граѓаните беше одржана јавна презентација на Сообраќајната студија за режим на сообраќај во Автокоманда, како и на предлогот за воведување на Зонско паркирање.

-Оваа средба е доказ за мојата решителност да се стави крај на деценискиот проблем кој го има Автокоманда со сообраќајниот хаос. Општина Гази Баба има спроведено теренска анкета со посета на сите домаќинства во Автокоманда на која мнозинството од домаќинствата даде поддршка на пакетот кој е понуден на граѓаните во Автокоманда за воведување на Зонско паркирање, информира градоначалникот Бобан Стефковски.

Проектот за зонското паркирање предвидува воведување на еднонасочен режим на сообраќај на улицата „Јани Лукровски“ – од улица „Трифун Хаџи Јанев“ кон улицата „Бапчор“, улица „Лазар Поп Трајков“- од улица „Бапчор“ кон улица „Трифун Хаџи Јанев“. Потоа, улица „801“ – од улица „Лазар Поп Трајков“ кон улица „Ташко Караџа“, улица „Гавреш“ – од  улица „Лазар Поп Трајков“ кон улица „Ташко Караџа“ и улица „Ташко Караџа“ – од улица „Бапчор“ кон улица „Трифин Хаџи Јанев“.

Како што информираа од Општина Гази Баба, жителите на Автокоманда ќе можат бесплатно да паркираат и тоа ќе важи за две возила на секое домаќинство. Останатите ќе можат да паркираат по 25 денари за час. Воедно, ќе има и гостинска паркинг-карта која ќе чини 10 денари од час, како и месечна карта за службено возило која ќе чини 300 денари.

Засега, од општината немаат информации кога би започнало да функционира зонското, бидејќи како што рекоа, постапката е на почеток.

Претходна вестФилиповска-Грашкоска: Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите
Следна вестОд почетокот на војната во Украина, во Бугарија влегле околу 1,1 милион бегалци