Во Битола запленета дрога од 800.000 евра, приведени се пет лица

Извршен полициски претрес во фирма во Битола. Пет лица се приведени, а запленета е дрога во вкупна проценета вредност од околу 800.000 евра. Ова го соопшти МВР.

Марихуаната била одгледувана во фирма за производство на канабис за медицински цели во Битола, и покрај тоа што Владата минатата година им ја одзела дозволата.

-По добиени информации дека во правен субјект за производство на канабис во медицински цели во Битола се врши производство на марихуана, и покрај донесената одлука и решение од страна на Владата на РСМ на 25.5.2021 за одземање на дозвола за одгледување  канабис за медицински цели, објавена во ‘Службен весник’ бр.121 од 3.6.2021, на предлог на Министерството за здравство, поради постапувања спротивни на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кои биле констатирани при вонредна контрола извршена на 10.4.2021 од страна на Комисијата за оценување на исполнетост на условите за одгледување канабис за медицински цели во содејство со МВР, обезбедена е наредба за претрес од Основен суд Битола, информираа од полицијата.

При извршениот претрес, во една од просториите затекнати се две женски лица во момент на обработка и пакување на сув цвет од канабис, додека во други простории на фабриката е пронајдена голема количина на сув цвет од канабис, соопштија од МВР.

Во координација со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, пронајдената дрога е спакувана во 67 вреќи во вкупна тежина од околу 250 килограми. Петте лица се приведени во полициска станица, а по комплетирање на целокупната документација против сите инволвирани лица во нелегално производство на наркотична дрога марихуана ќе биде поднесена кривична пријава.

Претходна вестНа Маричиќ не му било пријатно кога чул како се исвиркува македонскиот јазик
Следна вестДвајца починати и 521 нови заразени последните 24 часа