Во Франција протестираа над милион луѓе

На протестите против пензиските реформи одржани во повеќе градови во Франција во четвртокот, 19-ти јануари, според официјалните извори, учествувале повеќе од милион луѓе. Многу синдикати земале учество на протестите против реформите на француската влада, која има за цел да ја крена старосната граница за пензионирање на 64 години.

Протестите се одржани на повеќе од 200 локации во Франција, вклучувајќи ги Париз, Марсеј, Ница и Тулуз.

Во текот на протестите доаѓало и до тензии и судири меѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата користела солзавец и пендреци, а демонстрантите на полицијата фрлале разни предмети. Полицијата во Париз привела 38 лица.

Демонстрантите барале оставка од Емануел Макрон. Стенли Фидол, еден од демонстрантите, изјавил силно се противи на планираната пензиска реформа.

„Денеска одржавме голем протест. Ваквите големи акции ќе променат некои работи. Денеска имаше многу луѓе“, рекол тој.

Според податоците на организаторите, ширум земјата повеќе од два милиони луѓе излегле на протестите против владините пензиски реформи, од кои само во Париз околу 400.000 луѓе. Според податоците на француските медиуми, на основа на официјални извори, ширум Франција на протестите имало 1,12 милиони луѓе.

Осум водечки синдикати во земјата ги повикале Французите повторно да излезат на улиците на 31-ви јануари. Според последните податоци, Франција брои околу 65,6 милиони жители.

Планот за пензиските реформи, кој вклучува зголемување на старосната граница за одење во пензија од 62 на 64 години во 2030-та година, веднаш предизвикал бес кај работниците и синдикатите кога владата ги најавила подготовките за спроведување на планот минатата година.

Неколку синдикати повикале на демонстрации и штрајкови откако премиерката Елизабет Борн ги открила деталите минатата седмица.

Борн изјавила дека минималната пензија исто така ќе порасне на 85 проценти од минималната плата, што значи околу 1.200 евра месечно. Почнувајќи до 2027-ма година, промената исто така ќе предвидува најмалку 43 години работа за да се оствари правото на целосна пензија

Претходна вестВо Велес вечер ќе започне со работа киното „Киноверзум 3Д“ од Свети Николе
Следна вестКнигите стануваат атрактивни за крадците