Во градот стана „награда“ ако ја дочекате староста, ако предвреме не се разболите

Естрадната уметничка Вики Среброва го сака својот град, но тешко и паѓа што дел од граѓаните со своето однесување покажуваат сосема спротивно чувство…

 о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Во Скопје живеам последните 50 години и сум ги запаметила многуте слики оттогаш до сега. Мислите и сеќавањата влечат кон средношколските денови во балетското училиште, дружења, излегувања во дискотеки, на скопското корзо, настапи на манекенските писти…

 о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

Тоа од порано малку повеќе, но тоа не значи дека и ова сега не го сакам. Новото време носи и нов стил на живеење. Кон поранешното Скопје веројатно влече тоа што во него сум ја живеела младоста. Сепак, секое Скопје има свои убавини. Се што сакам ми е тука, и порано и сега.

 о Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

Мислам дека сепак не даваат колку што би требало. Можат и мораат повеќе. Проблемите на градот се големи и тие мора да бидат целосно посветени на нив. Оние што го водат градот и општините треба да разберат дека се јавни слуги и дека се што прават треба да биде во првенствен интерес на граѓаните.

 о Дали Вие доволно му дадовте на градот?

И премногу. Ќе бидам отворена: ако вложите во реконструкција на Домот на културата во Ѓорче Петров 250.000 евра врз основа на договорот за користење и потоа да ви го одземат објектот на измама и не ве обештетат, дали може да се каже дека не сум дала доволно за градот. На страна од овој случај, како естраден уметник секогаш сум го афирмирала Скопје.

  о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Ми недостасува културата на градското живеење. За жал, кај многумина наши сограѓани ја нема. Тоа го гледаме секојдневно, кога се влегува во автобусите, кога се фрлаат отпадоците, кога треба да се знае дека на подвижните скали се застанува на десна страна… Најтешко ми паѓа што такво некултурно однесување покажуваат млади генерации. Би го одзела и тоа што ако сакате нешто да завршите во градот ви требаат врски –на шалтери, во болници, институции.

Ми недостасува зеленилото по градот кое порано го имаше многу повеќе отколку сега, ми недостасува и чист воздух.

 о Во какво Скопје сакате да живеете?

Во град во кој постои ред и градска култура. Во град кој не е извор на стресот за неговите граѓани. Треба ли да потстетувам колку наши сограѓани предвреме умираат заради загадениот воздух, заради малигните болести предизвикани од стресното живеење. Во градот стана „награда“ ако ја дочекате староста, ако предвреме не се разболите од нешто. Сакам да живеам во градот кој ќе ни овозможина сите нормално да ја дочекуваме староста, да се има ред и во тој поглед, а условот за тоа е и ред во градот.

о Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

Градот не може да се намали и околу тоа не може да се размислува. Како и секоја метропола на некоја држава тој е „осуден“ да расте заради привлечноста која ја има за доселувањето. Но тој раст треба да оди во широчина, не во внатрешноста. Големи грешки се оние кои што се дозволија со претесни населби како Расадник, Дебар Маало, Аеродром…