По зимскиот распуст поради новогодишните и божиќните празници, учениците во Грција денеска се враќаат во училишните клупи, но со препораки и упатства од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) поради зголемениот број заразени со Ковид-19 и грип во земјата.
Во изминатиот период во Грција е зголемен бројот на заразени со Ковид-19, но и болни од грип, па затоа од ЕОДИ во петокот објавија упатства за наставниците, учениците и останатиот персонал, со цел да се намали опасноста од ширење на респираторни инфекции во училиштата.
Од Националната организација за јавно здравје апелираат до учениците и наставниците да се придржуваат до основните мерки како што се редовно миење раце, добро проветрување на училниците, одржување растојание, кашлање и кивање во лактот или во марамче итн.
Посочуваат дека доколку некој од учениците има симптоми на респираторна инфекција (болки во грлото, кашлица, течење на носот) или има позитивен резултат од Ковид тест или тест за грип се препорачува да остане дома и да ги ограничи контактите со други луѓе.
Согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје објавен во четвртокот, во периодот од 25 до 31 декември, „значително е зголемена позитивноста кај сите тестирани примероци во однос на претходната седмица“, кога исто така имаше зголемување споредбено со претходно.
Хоспитализирани биле 1.818 лица, за 44 отсто повеќе од просекот во изминатите четири седмици, зголемен е бројот и на пациентите приклучени на апарати, а намалување има на бројот на починати од Ковид-19, вкупно 57, наспроти 62 лица минатата седмица.