Министрите од редовите на ДУИ не биле единствени кои играле фудбал во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби туку тоа го правеле и странските дипломати. Ова денеска го потврди лично Груби откако од новинарите беше запрашан за тоа дали е во ред да се има таков однос кон она што е сопственост на сите граѓани.
Тој вчера на својот Фејсбук профил објави фотографии на кои тој и неговите сопартијци од ДУИ играат кошарка и фудбал во неговиот кабинет во Министерството за политички систем. Дел од „дрим-тимот“ на Груби беа актуелните министри Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Јетон Шаќири, како и нивниот доскорешен колега Насер Нуредини.
-Многу ми е интересно затоа што нема амбасадор што не е дојден во мојата канцеларија и нема шутирано фудбал и тоа се објавени слики. Пред некој ден, на пример, Словакот беше последниот што шутираше и вие објавивте, во порталите беше. Тоа не беше скандал, ова денеска е скандал. Ова е таа хистерија за која зборувам, за двојните стандарди, за селективни правди, за измислување на теми само за да се дефокусира со нешто. Значи дојде градоначалникот на Тирана, дури со пета даде гол, им укажа денеска Груби на новинарите.
На прашањето дали тој како највисок играл центар, вицепремиерот одговори дека тој „дриблал“.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во однос на ова денеска изјави дека ова не се први слики од кабинетот на Груби како се шутира топка.
-Јас имам колеги премиери кои што имаат кошеви во канцеларија. Јас, на пример, немам и не сум имал. Секој може да избере дали ќе има некаков реквизит кој што ќе го искористи во својата канцеларија. Тоа е лично прашање за некој како го организирал просторот. Дали мене ми пречи е ирелевантно бидејќи ако јас сакам да го организирам просторот на канцеларија како што сакам, ќе го организирам. Исто како што вие во вашата канцеларија го организирате просторот како што вие сакате, рече премиерот Ковачевски