Во Лондон изгоре црква стара повеќе од 150 години

Црквата Свети Марко во Лондон која е стара повеќе од 150 години и е категоризирана под втор степен на историско наследство, беше уништена од пожар во текот на ноќта. Противпожарна бригада (LFB) соопшти дека нема извештаи за повредени и дека причината за пожарот сè уште не е позната, јавува Би-Би-Си.

На самото место се ангажирани повеќе од 10 противпожарни возила со 80 пожарникари за да се справат со пламените јазици. На жителите кои живеат во областа им беше препорачано да ги држат затворени прозорците и вратите, а полицијата побара од јавноста да ја избегнува областа за да им дозволи на службите за итни случаи да работат.

При интервенцијата пожарникарите употребиле скала висока 64 метри, највисока од ваков вид во Европа. Градскиот совет на Вестминстер соопшти дека жителите се безбедни, а ЛФБ рече дека истражителите ќе започнат истрага за причините за пожарот. Националниот труст за цркви ја опишува црквата Свети Марко, викторијанска црква, како „архитектонско и историско богатство“.

Претходна вестХакер ги украл личните податоци на сите Австријци
Следна вестОрбан: Унгарија ќе стави вето на санкциите на ЕУ против Русија