Заканите од климатските промени, проблемите со недоразвиеноста на земјоделството, како и грешките кои се правени во изминатиот период, можат да се решат со здружување на земјоделците, односно формирање на земјоделски задруги порача денеска од Свети Николе, Ѓорѓи Арнаудов претседател на Мрежата на земјоделски задруги. Тој се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на задругите при што рече дека сите институции го немаат положено испитот за развојот на задругите.
-Во земјава има само околу 50 задруги, додека во Европа еден земјоделец е член на три или четири задруги. Премногу бавно се одвиваат работите за формирање на земјоделски задруги. На национално ниво во 50 земјоделски задруги има минимален број на земјоделци, што е 0,3 отсто од вкупно 175.000 земјоделски стопанства. Ако го гледаме бројот на задругите што се новоформирани и тоа од почетокот на формирањето на организациите 2012 година кога е донесен првиот Закон за земјоделски задруги, па минатата година се укина тој и се донесе само општ закон за задругите, каде што и земјоделските задруги се дел од агендата на Министерството за економија, заради недонесувањето на измените и дополнување на Законот за земјоделството и рурален развој, каде што земјоделските задруги ќе бидат дел од агендата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, институционалната поддршка е во застој, вели Арнаудов.
Посочува дека и финансиската поддршка од страна на државата е нередовна и опфаќа мал број на задруги.
– Потребно е да изградиме заедничка платформа, стратегија за развој од кои ќе произлезат акционите планови. Ќе бидеме искрени пред новата Влада, новиот состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пред нас како асоцијации, научната фела претстојат сериозни предизвици да одговориме на овие прашања. Затоа што секој земјоделец во Европа е член на најмалку три задруги, укажа Арнаудов.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски рече дека мораме да работиме да го развиваме задругарството.
-Во моментов се наоѓаме во еден правен вакуум бидејќи законот за земјоделски задруги е укинат и се формираше еден посебен закон за задруги меѓутоа делот на земјоделските задруги остана недефиниран. Преземавме обврска да веќе во наредниве месеци да го измениме законот за земјоделство и рурален развој каде што ќе ги дефинираме земјоделските задруги и нивното здружување. Ние во нашата владина програма имаме ставено фокус на задругарството преку разни мерки и проекти се со цел да овој начин на здружување биде еден од алките на решавање со пласманот на нашите земјоделски производи, рече Трипуновски.