На секои 100.000 жители во Македонија дури 120 предвреме умираат поради состојбата со животната средина, превенствено аерозагадувањето. Со ова, нашата земја е рангирана на 29-то место меѓу 37 европски земји кои се рангирани според последиците кои по здравјето на граѓаните го предизвикува животната средина. Ова го покажал последниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) од кој се гледа дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето. Во него се наведува дека Македонија и другите земји од регионот конзистентно покажуваат лоши резултати во анализите за последиците врз здравјето на граѓаните.
Албанија и Босна и Херцеговина бележат најлоши резултати во делот на смртни случаи поради животната средина и се наоѓаат на дното на скалата од вкупно 37 рангирани земји. Албанија е на последно место со 172 смртни случаја на 100.000 лица додека Македонија е на 29. место со 120 смртни случаи на 100.000 жители. Полошо рангирани од нашата земја се уште Романија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора и Летонија. Со рангирањето се опфатени 37 земји од кои 28 се членки на Европската Унија (ЕУ), пет земји од Западен Балкан без Косово за кое агенцијата нема податоци и четири земји од Европската економска област (ЕЕА).
Бројките на ЕЕА покажуваат дека постои драстична разлика на квалитетот на животната средина меѓу Источна и Западна Европа, па така на Исланд, кој е на врвот на скалата, прерани смртни случаи поради состојбата со животна средина изнесуваат 35 на 100.000 жители. Шведска, Норвешка и Швајцарија, исто така, котираат при врвот.
Во извештајот се пресметани сите еколошки фактори: загаденост на воздухот, на почвата и на водата со хемиски и со биолошки агенси, но и звучното загадување и електромагнетните полиња, влошување на еко-системите, ултравиолетови и јонски радијации, ризици поврзани со работното место, земјоделските методи, како и личниот однос кон животната средина и хигиената, како што е миењето раце и прехранбени производи. Според анализата на Агенцијата, 90 отсто од смртните случаи поврзани за животната средина во Европа се незаразни болести како ракот, кардиоваскуларни болести, ментални и невролошки пореметувања или, пак, астма.