Во Македонија станува поим за „способност“ оној кој ќе ограби повеќе 

Неприфатливо е во државата ништо да не значи рудар кој ископал тони руда, а да значи некој политичар зад кој на бината стојат десетина луѓе

За популарниот драмски уметник Благоја Чоревски односот кон вредностите е основа околу која се вртат сите промени внатре во Македонија и околу неа.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Македонија е живот, чист воздух, чиста мисла, вода, чесност, љубов… Но, за жал, сега повеќе се оди на тага, нечесност, кон непочитување на вредностите. Се сеќавам, како дете, ми беше чест кога ќе сретнам некој постар и да му кажам „Добар ден“, кога се гордеевме кога ќе направиме нешто добро. А сега, трендот е обратен, ни се случува отуѓување на луѓето, дури и во самите семејства. Потребно е да размислиме како натаму. Овој лош тренд може да се запре само со чесност со чиста мисла, рабирање, љубов. Неприфатливо е во државата ништо да не значи рудар кој ископал тони руда, а да значи некој политичар зад кој на бината стојат десетина луѓе.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

– Постои една и тоа најголема грешка, не најдовме начин да ги вреднуваме и да ги задржиме најспособните кадри, без оглед на нивната возраст. Тоа е основна грешка. Со непочитување на сопствените вредности не можете да очекувате дека некој друг ќе ве почитува Вас. Потребно е да се вреднува секоја индивидуална вредност, таа да се потикнува на најразлични начини од страна на државата. Нам таа грешка, со непочитувањето на инидивидуалните вредности, постојано ни се повторува, од 1945 година па до денеска. И сега ја имаме ситуација со која се гордееме со наши успешни луѓе во странство. Вреднувањето на човекот, без оглед на тоа дали се работи за една шивачка во фабриката или врвен хирург, е основа за се. А нам ни се случува да оној кој ќе ограби повеќе да стане поим за „способност“.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Како граѓанин и давам на државата за работите во сите сфери да бидат подобри. А што ни се случува. Кризата со корона вирусот ни покажа во каква состојба ни е здравствениот систем. За здравство од наши плати издвојуваме сите, а дојдовме во ситуација да немаме каде да се лекуваме, да немаме бесплатно здравство. Луѓето беа приморани да плаќаат по илјадници евра по приватни болници за да преживеат. Вакцините не се набавија на време, министерот водеше преговори со приватните болници за цените, но ништо од тоа. Тоа е едно безобразие, тоа покажува колку ни е трула целокупната организација на државата.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Дадов и се уште и давам. И ќе давам се додека дишам, додека можам да се движам во она што го правев во изминативе децении во театарската уметност. Давав со настапите во земјава, но и во странство, каде секогаш ја афирмирав Македонија, градот Скопје и сите други.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Многу работи недостасуваат. Ако вие за 70 години не се потрудите да направите нова зграда на Драмски театар тогаш значи дека државата не дава. Се направи МНТ, се направија театрите во Велес и во Битола, но не и Драмски. А потребен е нов објект и за него. Не може да глумите на сцена дух, а децата кои ве гледаат да забележуват како се движите и излегувате од сцената во ова време на висока технологија. Државата, едноставно, не ви дава да и одземете тоа што не чини. Кога ги предупредувате, тие велат „Не може, и ова е добро“. Какви промени се направија со „Скопје 2014“? Се направија со стирипор кој сега го гледаме како се распаѓа. Зошто е светска вредност маската од Требениште? Оти е направена од врвни мајстори. Се што е лажно нема никаква вредност.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Се гордеам со сите оние наши креативни луѓе кои што ги поместуваат границите со свеоето творештво. Огромна е нивната бројка во сите сфери – од актери, сликари, доктори, архитекти… нема бранша во која немаме исклучителни автори. Тука се еден Блаже Конески, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре Прличко, Ташко Георгиевски… Се гордеам со своето семејство, се гордеам со секој непознат човек кој ќе направи нешто повеќе од другите, кој ќе ги помести границите што мислиме дека постојат. 

ЗА МЕНЕ Е САМО МАКЕДОНИЈА, БЕЗ ДОДАВКАТА – СЕВЕРНА

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Сакам да живеам во таква Македонија која е на повисок степен на почитување на човечките вредности. За мене е таа само Македонија, без додавката Северна. Ја сакам оваа земја, но со таа љубов не се бусам во гради. Таа љубов и желба ме одржува, прави да опстојувам подолго време. Сега не можам физички да совладувам многу пречки, не можам да скокам како некогаш по 3-4 скали, но можам да давам духовно таму каде што тоа најдобро го знам.

Претходна вестОсмани си го врати профилот на Твитер
Следна вестНови 528 заболени со ковид-19, починале 13 луѓе