Во МКЦ ќе се одржи Саем на универзитети, учествуваат повеќе од 20 факултети

Во Младинскиот културен центар (МКЦ)  Скопје денеска ќе се одржи Саемот на универзитети „УниКомпас“, во организација на  дигиталната студентска заедница „СтудентаријаМК“, на кој матурантите ќе можат да ги добијат сите потребни информации за продолжување на нивното образование и кариера.

На Саемот ќе учествуваат повеќе од 20 факултети од различни универзитети, кои пред матурантите ќе ги презентираат своите програми, услови и можности.

Саемот „УниКомпас“ е единствена можност за средношколците и идни студенти на едно место да се сретнат со претставници на повеќе факултети и универзитети, да дознаат за нивните студиски програми, уписни рокови, можности за стипендии и кариера, животот на кампусите, но и да учествуваат на работилници за кариерно советување и да ги истражат различните образовни и професионални патишта кои ќе ја одредат нивната иднина.

За оние средношколци кои сè уште не знаат што и каде да студираат, на настанот ќе бидат присутни професионални кариерни советници кои ќе им понудат совет и насоки за полесно да ги донесат „тешките“ одлуки. Сесиите за кариерно советување се реализираат во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Покрај ова, на „УниКомпас“ се предвидени и две работилници со психолог. Првата работилница, наменета за матурантите, е насловена „Како полесно да зачекориш во студентскиот живот?“ – целта е да се подготват матурантите за следниот чекор од нивното академско патување и предизвиците со кои би можеле да се соочат – живеење во друг град, надвор од дома, нова средина и претстојните испитни сесии.

Втората работилница е дел од „Родителското катче“ на саемот и има за цел да им обезбеди на родителите и старателите вредни сознанија, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на децата полесно да ја поминат оваа клучна фаза од нивните животи.

Во соработка со општините, до Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје е организиран и бесплатен превоз од неколку градови низ Македонија.

Претходна вестЦУК: Пожарот во Василево се гасеше 13 часа
Следна вестРеформистот Масуд Пезешкијан е новиот претседател на Иран