Во мумија е пронајдено златно срце и стихови од Книгата на мртвите

Дигитално скенирање на египетска мумија откри дека мумифицираното тело на тинејџер содржи дополнително срце од злато, како и десетици други амајлии за кои древните Египќани верувале дека се важни за задгробниот живот. Мумијата се наоѓа во подрумот на Египетскиот музеј во Каиро од 1916 година, а датира од 300 година п.н.е.

Радиологот Сахар Салим од Универзитетот во Каиро и нејзините колеги дигитално, односно преку компјутерска томографија, ѕирнаа во малата мумија покриена со злато и открија 49 амајлии од 21 тип. Покрај тоа што научниците пронајдоа златен скараб од 3 сантиметри во градната празнина на мумијата, кој го симболизира срцето, открија и златен јазик во устата на черепот, амајлија и други верски предмети изработени од злато, полускапоцени камења и керамика во светли бои.

Срцето на момчето останало во неговите гради како духовен симбол, велат експертите, како што е вообичаено со египетските мумии. Старите Египќани верувале дека амајлиите го штитат покојникот за време на напорното патување до задгробниот живот.

– Семејството на момчето му обезбедило многу скап третман за балсамирање за правилно да го подготви за патувањето под земја и безбедно да стигне до задгробниот живот, како што се сандали за да излезе од ковчегот и златен јазик со кој ќе зборува по смртта, рече Салим, пишува „Њу саентист“.

– Големата златна амајлија на скараби е навистина нешто неверојатно, на задната страна е врежано со ознаки кои би можеле да претставуваат натписи и магии“, додаде таа. Имено, се чини дека меѓу нив има стихови од египетската книга на мртвите, во кои пишува дека срцето на скаработ е неопходно за да се замолчи вистинското срце кога боговите ќе му судат на патот кон задгробниот живот.

 

Претходна вестХоландски политичар го искина Куранот и неговите страници ги запали во тава
Следна вестАрсовска бара од скопските општини да воведат задолжителен паркинг за велосипеди