Во Охрид попрво пастрмка ќе прозбори отколку што дивоградбите и паркинзите ќе се средат

Бисер кој потемнува поради институционална негрижа

 За сите нас Охрид е украсот на Македонија, а не е нескромно да се каже дека е посебен бисер и на целиот Блакан. Но, сепак не треба да летаме во облаци, треба да се запрашаме – може ли Охрид да биде уште поубав украс или украсот што го направила природата и претходните наши генерации бледнее? Ако ги прашаш за мислење луѓето од централната и локалната власт на сет глас ќе викнат – го правиме Охрид уште поубав. Но дали е така?

Што стана со големиот проблем околу дивоградбите во Охрид? Престанаа ли да никнуваат? Се срушија ли оние кои до сега никнале?

Дивоградби се уште си царуваат низ градот и околината, исто како што во лето царуваат автомобилите кои буквално го закрчуваат центарот на градот. Паркинг места нема доволно, а нови не се направија иако се ветија. На кејот има оштетувања, никако да се потсредат со години…

Ова се дел од работите кои укажуваат дека поради институционална млакост – бисерот Охрид, бледнее.

На ова само се надодава проблемот со издавањето на плажите, неизградба на нов пат до Свети Наум, незавршениот автопат кон Кичево…

-Попрво пастрмка ќе прозбори отколку дивоградбите и нови паркинзи во катни гаражи во Охрид да се средат. Штета е ова што му се направи на градот во кој сите се крстиме дека ќе привлекува туристи од странство, ни коментира Дејан преку социјалните мрежи.

Пред неколку месеци Охрид за влакно се спаси да не биде ставен на Листата на светското наследство во опасност на УНЕСКО. Но, за наредните две години доби долга листа на домашни задачи кои ќе треба да се исполнат за да во 2023 година не се случи ова. Пред две години беше соопштено дека во Охрид има 1.076 дивоградби од кои 409 дивоградби се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Сега бројката е сигурно и поголема. Во тој период токму спроти заседанието на УНЕСКО и почнаа некои уривања на дивоградбите — се урнаа неколку шанкови, парапети, некои помали објекти… И толку.

-Тие немаат храброст да ги урнат дивоградбите. А од друга страна, надвор од памет е да се прави узурпирање на улицата со цел да се зголемат паркинг места. Катна гаража е потребна, но тие еден јавен тоалет немаат направено за 30 години и како да бараш катна гаража и уривање на дивоградбите, ни вели охриѓанецот Дончо Ѓорејлиоски.

Пред неколку години беа ветени две катни гаражи– кај Градскиот пазар и кај „Билјанини извори“, но… Сега пред локалниве избори ветувањата пак пристигнаа. Да се надеваме дека ќе дојде до подолема сериозност кај одговорните и охридскиот бисер ќе биде малку „изгланцан“. Охрид тоа го заслужува. Охрид на тоа сите не обврзува.

Кејот чека подобри времиња

На реконструкција се уште чека и главниот кеј „Македонија“ кој е најпосетено место во градот во текот на сезоната. За жал, шеталиштето сега е амортизирано, има потреба поправки… Поставени се и тараби кои би требало да значат дека реконструкција ќе има како што вети и градоначалникот, но засега ништо.

Можеби е стопирано поради некакви си доработка на планови или одобренија, но зошто тоа оди споро? Кинезите за два месеци цели нови болници прават.

Претходна вестЏабе фалењето за намалено загадување – почнаа утрата задушени во чад и смог
Следна вестПријателот на Шилегов